Skip to main content

Охридски рамковен договор, дваесет години подоцна

Владата на Република Северна Македонија на 27 јули одржа свечена седница посветена на 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор.

 |  Голабовски Крсте  | 

Владата на Република Северна Македонија на 27 јули одржа свечена седница посветена на 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор.

Во своето обраќање премиерот Зоран Заев потенцираше дека оваа значајна годишнина се совпаѓа и со 30 годишнината од независноста на нашата земја, со 80 годишнината од народното востание и 20 годишнината од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација како наш прв чекор во остварувањето на нашата заедничка цел за членство во Европската Унија.

Премиерот потсети дека една од првите приоритети на листата на новоформираната Влада во 2017 година беше заокружувањето на нормативниот дел којшто произлегуваше од Охридскиот рамковен договор и од Амандманот 5 од Уставот на Република Северна Македонија.

-Тогашната Влада, во која министри беа и поголем дел од овој, актуелен состав на извршната власт, ја исполни обврската која непотребно се одолговлекуваше од сите претходни влади, и го донесе Законот за употребата на јазиците. Со Законот за употреба на јазиците, како и со сите останати законски измени и подзаконски акти за правична застапеност, се заокружија одредбите од Охридскиот рамковен договор, кој беше потпишан на 13 август во 2001 година и со кој се стави крај на конфликтот и кој беше прифатен како гаранција дека сите прашања од интерес на заедниците во нашата земја ќе се решаваат низ дијалог и низ институциите, истакна Заев.

Охридскиот рамковен договор, како што кажа Заев, стави крај на конфликт кој со себе понесе и жртви, и кој спречи нашата заедничка татковина да стане место на продолжен конфликт и на општество без надеж за мирен живот.

Со овој договор, според Заев, нашата држава е постабилна и побезбедна, со загарантирана меѓуетничка толеранција и посилна социјална кохезија. Заедно се развиваме како држава во која шансите за благосостојба се еднакви за сите, како членка на НАТО и идна членка на ЕУ.

Владата на оваа свечена седница ги усвои заклучоците според кои констатира дека нормативниот дел на Охридскиот рамковен договор е усвоен од страна на институциите на Северна Македонија и спроведувањето на законските одредби е постојан секојдневен процес кој што се одвива непречено. Заклучок од оваа седница на Владата е дека Охридскиот рамковен договор придонесе кон зголемување на кохезивно општество, еднакво и едно општество за сите граѓани и заедници како и за интеграцијата на Република Северна Македонија во НАТО и ЕУ.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети деновиве оцени дека Охридскиот рамковен договор е еден од најважните документи на Северна Македонија, затоа што „ја спаси земјата од можна трагедија”.

-Охридскиот договор ја спаси земјата од можни трагедии, кои може да настанат од поделби, безброј трагедии во загуба на животи. Беше интервенирано на време, со оглед на претходните искуства во Босна и Косово што се случија. Меѓународната заедница беше многу брза и интервенираше меѓу страните, да започнат преговори за можен мировен договор, рече Ахмети.

За одбележувањето на 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор се огласија и опозициските лидери искажувајќи дека нема да присуствуваат на овој настан.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски истакна дека Рамковниот договор е завршена работа, а приватни паради во историски најтешки времиња се неприфатливи.

-Наместо парите да ги пренаменат за други граѓански потреби, одлучиле да слават кога најмалку е време за славење. А во меѓувреме каква е реалноста? Гимназијата Кирил Пејчиновиќ во Тетово и после 4 години се уште не е реновирана. Нема ниту збор од канализацијата во Другово. Неколку километри автопат кон Косово и после година и половина не е мрднат од почетна точка. Исто болат солзите на мајката Македонка, Албанка, Турчинка, Ромка, Србинка…, кога се разделува од сопственото чедо кое заминува во туѓина поради тоа што не добило шанса во Македонија и уште многу, многу порази…, напиша на Фејсбук Мицкоски.

На настанот нема да присуствуваат ниту лидерите на Алијанса на Албанците и Алтератива Зијадин Села и Африм Гаши. Тие во својата реакција посочуваат дека не само што не се против Охридскиот договор, туку работат да го заштитат истиот од каква било девалвација.