Охридските староградски средби годинава со сребрен јубилеј
Полни 25 години на прекрасна староградска музика која никогаш не замира.
Сребрено, јубилејно издание на традиционалниот фестивал на староградска песна, „Охридски староградски средби“. Ова е фестивал кој со години ја негува македонската староградска песна, песна која се создавала во периодот кога во градовите цутело занаетчиството и кога се создавало градското јадро.
Креирана во различни градови, од различни музички тајфи, староградската песна изобилува со варијации карактеристични за местото од кое потекнува.
„Оние стари убави трубадурски песни и градски серенади кои што секој град, секое поднебје си има карактеристика. Токму тоа е поентата на овој фестивал, да го истакнеме од секое место она што е интересно и убаво како музика, како она што останало да се памети во градскиот живот, во градската традиција и токму тоа да продолжиме, да го зачуваме и со постоењето на ваквите фестивали како што е и „Охридски староградски средби“ да го зачуваме, да остане, да продолжи да се негува истата таа традиција.“-вели директорката на Центарот за култура „Григор Прличев“, Драгана Боцеска.
А за да се покаже оваа варијација на староградската песна, и годинава обезбеден е настапот на повеќе групи, хорови, ансамбли и оркестри од целата држава.
„Ќе настапат оваа година хорот при Центарот зџа култура-„Григор Прличев“ од Охрид, градскиот тамбурашки оркестар од Штип, Културно уметничкото друштво на Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца, „Распеани гевгеличани“, „Распеани паланчани“, градскиот хор од Штип, октетот од Прилеп, значи имаме од цела Македонија и специфично за сите ансамбли е што тие се претставуваат со програма која што е типична за поднебјето од каде што доаѓаат, за градовите кои што ги претставуваат. Инаку овие ансамбли пејат со ентузијазам, со голема љубов, ја негуваат староградската музика и токму живеат за овие фестивали.“-рече Боцеска.
Инаку 25то јубилејно издание на фестивалот „Охридски староградски средби“ ќе се одржи во Сабота на 28ми Септември со почеток во 20 часот, а пред започнувањето на фестивалскиот дел, учесниците ќе го имаат традиционалното дефиле низ градските улици. Влезот е слободен, па повелете на убава староградска песна.
{loadposition content9}