Охридските занаетчии го изработуваат најпрефинетиот филигран на Балканот
Во Охрид се изработува најпрефинетиот филигран на Балканот со плетење на најтенки нишки од сребро. Еден од ретките занаетчии кои ја продолжуваат оваа традиција на изработка на накит е Митко Укоески. Тој работи во охридската чаршија во дуќанот на најпознатиот кујунџија Вангел Деребан. Наследството од врвни изработки што го оставил зад себе големиот мајстор претставува мотив и предизвик за Укоески.
„Голем предизвик е да се работи во дуќанот на Вангел Деребан затоа што тој бил еден од најголемите мајстори на Балканот. Сега со секој наш изработен производ мораме да внимаваме до кое ниво тој го изработувал накитот за да бидеме барем приближно до него.1:04
Секогаш кога изработуваме накит позитивно се споредуваме со неговите производи иако денеска пазарот бара малку помодерен филигран за разлика од тие мајстори кои изработувале филигран а бил многу поспецифичен и потежок за работа од денешниов филигран кој го налага пазарот.“ – вели Укоески.
Целиот процес на изработка на филигран е рачен, почнувајќи од топење на среброто во гранули, преку извлекување на жица, до изработка на самиот производ за што се користат над 45 видови на жица. Укосеки вели дека изработката на филигранот не е макотрпна бидејќи ја работи со многу љубов и кај него буди задоволство кога ќе го освои купувачот со својата ракотворба. А интересот за купување на овој накит, вели, од година во година се зголемува, посебно кај странските туристи кои посебно се заинтересирани за изработките кои во себе го содржат македонскиот рубин.
„Македонскиот рубин го имаме исклучиво во Охрид во нашите два дуќани кои се сертифициран за што пред 11 години склучивме договор со дуќанот од Скопје Деко кој го пронајде македонскиот рубин. Оттогаш до денеска над 80% од нашите производи се збогатени со македонскиот рубин кој е национален камен на Македонија.„- вели Укоески.
Концептот на работа во дуќанот е туристите да го посетат Музејот на филигран на Вангел Деребан, да ги погледенат експонатите, некои стари и 200 години, потоа им се презентира процесот на изработка на накит, а доколку имаат време и желба можат и самите да се обидат да изработат филигран.