Oхридски земјоделец избира органски семиња
Сезер Акин е поборник за одгледување на зеленчук од автохтони семиња, а не само за производство на здрава храна. Во неговата градина веќе е засеан расад со раноградинарски зеленчуци. Подготвени се и садови со автохтони семиња од пиперки, домати, црни патлиџани, краставици кои ги чува за следната година бидејќи не сака да засадува хибридни семиња. Акин нагласува дека неговата љубов кон органскиот зеленчук сака да ја пренесе на охриѓани и љубителите на градинарството. Тешко оди, но јас сум храбар, вели Акин кој е дел од организацијата Слоу фуд Македонија. Сакам нешто да направам за да се разбуди кај луѓето љубовта кон ботаниката. Има идеја за садење на билки на балконите и терасите за луѓето да си одгледуваат сами храна од органски семиња и да не се жалат дека немаат простор и време за тоа. Планира да одржува обуки на таа тема и да реализира една акција.
„Моја замисла е да добијам помош од Локалната самопурава.Да направиме со организацијата Слоу фуд избор во градот на најубав балкон на кој се одгледува зеленчук. Сите велат немаме земја, бавча или немаме време, поради тоа мислам да профункционира оваа идеја и во Македонија како што е вообичаено во светот“, вели Акин.
Мора да има пример од една личност или организација, за да се покаже дека има ваква акција со која се бориме за природата во Македонија, раскажува Сезер Акин. Вредниот призводител на храна, во меѓувреме подготвил и земјени топчиња во кои рти семе од цвеќиња. Сакаме да бидеме во контакт со природата и на тој начин да им помогнеме на пчелите,објаснува тој и додава дека во план имаат семињата да ги расеат низ падините на Галичица.
„На пролет , на 21 март со организацијата Слоу фудс Македонија низ целата земја ќе направиме акција за расфрлање на семиња од различни полски цвеќиња“, најавува Сезер.
Сезер Акин во текот на зимскиот период реализирал уште една своја замисла. Испратил пакетчиња со различни семиња на 82 семејства низ Македонија, на луѓе кои ја прифаќаат неговата идеја за да се шири одгледувањето зеленчук од домашни, органски семиња.