Охридскиот актер Стрезо Стаматоски добитник на две значајни театарски награди
За два дена актерот е добитник на поединечна и колективна награда со Охридскиот народен театар од два фестивалски настани. Наградата за најдобар актер ја доби за претставата „Каде е пиштолот“ на Фестивалот „Гола Месечина“ од Театар Комедија од Скопје. Другата награда од Струмица на Фестивалот „Ристо Шишков“ каде што заедно со актерите од Охридскиот театар беа прогласени за најдобри во инвентивна актерска игра за преставата „Стаклена менажерија“. Театарот е колективна уметност и наградата е за целиот тим, напоменува скромно Стаматоски.
Актерот од Охридскиот народен театар Стрезо Стаматоски за два дена доби две значајни театарски награди. На интернационалниот фестивал на комедијата „Гола Месечина“, што се одржа во Скопје доби награда за најдобра епизодна улога во претставата „Каде е пиштолот“ и заедно со колегите од Охридскиот народен театар награда за претставта Стаклена менажерија на фестивалот Ристо Шишков во Струмица. Задоволен сум од остварениот успех и јас лично и како екипа заедно со моите колеги од театарот, скромно вели Стаматоски. Практикуваме во секоја претстава да влеземе со ист ентузијазам и желба за поголем успех , за театарот, за градот па на крај за самите себе како актери, напоменува Стаматоски.
“Лично за мојата награда е неблагодарно да кажам дека е само моја . Театарот е колективна уметност, тимска, иако го пишува моето име. На крај јас кажав дека наградата е за целиот ансамбл кој е дел од претставата „ Каде е пиштолот“ во режија на Деана Николоска и за техничката екипа“, раскажува Стаматоски.
Актерите од Охридскиот народен театар во состав Стрезо Стаматоски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ Тодороска и Филип Кипроски на фестивалот Ристо Шишков беа прогласени за најдобри во инвентивна актерска игра за преставата „Стаклена менажерија“. За жал Охридскиот театар е многу малку експониран дома и надвор, а тоа е случај со сите театри од внатрешноста, одговара Стаматоски на прашањето каде се наоѓа охридскиот театар на македонската театарска сцена.
„Голем дел од елитата на Македонскиот театар беше присутна на двата фестивали и не видоа во поинакви светла и во Стаклена менажерија како мелодрама, а и во силната сатира и комедија на Каде е пиштолот , од друга страна. Беа пријатно изненадени од квалитетот и ентузијазмот на екипата. Прашуваа каде сме биле досега “, вели Стаматоски.
Наградите ќе дадат поттик да работиме со нова енергија и да привлечеме свежа, театарска крв за да го збогатиме охридскиот театар со актери кои ќе останат да работат во Охрид. Стаматоски најавува уште една премиера до крајот на оваа година, а од крајот на месецов и редовен репертоар со театарските претстави Аналфабет, Метод, Стаклена менажерија , Каде и пиштолот и др.