Skip to main content

Архивистика

Охридскиот Архив дигитализира фонд на СВП

Охридскиот историски архив започна со дигитализација на архивскиот фонд на Струшките Вечери на Поезијата. Богатиот архивски материјал брои 50 архивски кутии и се однесува на фестивалските изданија во периодот од 1963та до 1990 година. Ваквиот процес на дигитализација, покрај зачување на досегашната светска традиција на фестивалот претставува негова поголема достапност до истражувачите, но и база за идни изложбени поставки.
 |  инфодеск  | 
Дигитализација_архив_СВП

Ќе се дигитализира архивскиот фонд на Струшките вечери на поезијата (СВП). Охридскиот Архив веќе започна со процесот на претворање во дигитална форма на обемната информациска граѓа на Меѓународниот поетски фестивал. Врз основа на меморандумот за соработка помеѓу Државниот Архив на Македонија и Струшки вечери на поезијата, систематски ќе се заокружи и зачува досегашната светска традиција на фестивалот која датира од втората половина на минатиот век.

Имавме огромна чест и задоволство минатата година преку надворешна служба на архивот да го добиеме овој фондот кој има 50 архивски кутии. Така да веќе Струшки вечери на поезијата (СВП), како пообемен фонд ќе може да го види светлото на денот и во дигитализирана форма. Тука се сите учесници од 1963та до 1990 година, замислете каков богат архивски материјал со фотографии со нивните поеми со нивните песни.“, вели Никола Митровиќ, Директор на Историскиот Архив-Охрид.

Шест вработени при Историскиот Архив-Охрид во наредните неколку месеци активно ќе работат на изготување на дигиталната форма на архивскиот фонд на Фестивалот, што покрај зачувување на традицијата ќе значи и негова поголема достапност до истражувачите, но и база за идни изложбени поставки.

Дигитализацијата во денешно време е неопходна и е секојдневие, меѓутоа од архивистички пристап има огромно значење, пред се за заштитата на самите документи, но и полесниот пристап на документите до секој читател или истражувач кој сака да ги истражува овие документи, па така започнавме со оваа дигитализација, која се надевам до средината на мај ќе биде во целост завршена.“, потенцира Митровиќ.

Охридскиот архив претходно целосно ги дигитализираше документите на охридската Митрополија како и фондот на охридскиот деец и револуционер Ташко Арсов. Архивот во меѓувреме ќе се опреми со дополнителни посовремени скенери со кои процесот на дигитализација на архивска граѓа ќе се одвива побрзо.