Oхридскиот див костен со висок биопотенцијал
Охридскиот див костен со најдобар биолошки потенцијал и високо антимикробно дејство посилно од некои антибиотици покажува последното истражување на тим универзитетски професори од Македонија, Србија и Турција.
Истражувањето е спроведено врз примероци див костен од Охридскиот, Струмичкиот и Скопскиот регион, а фасцинантни резултати во овие обеми анализи прикажаа екстрактите добиени од Охридскиот див костен.
„Навистина беше едно спонтано но би рекла обемно истражување од секој аспект. Пред се од аспект на утврдување на хемискиот состав на дивиот костен, утврдување на содржината на тешки метали, тоа беше многу значајно од самиот почеток да го утврдиме, за да знаеме понатака со каков производ располагаме, колку е тој безбеден да се користи за било каква понатамошна употреба. Секако истражувањето го заокруживме со утврдување на биолошкиот потенцијал со утврдување на антиоксидативната активност и антимикробната активност, а во тек е утврдување на цитотоксичниот потенцијал односно антиканцерогеното дејство на дивиот костен.“ , вели оника Стојанова, Доктор на науки од областа технолошка микробиологија
Анализите се спроведени на листот и семето, од кои се произведени екстракти во лабораториски услови и беше извршена нивна целосна хемиска и биолошка карактеризација.
Мора да се напомене дека тоа што некои од добиените резултати покажаа посилно антимикробно дејство од антибиотиците не значи дека може да се користат како лек, туку едноставно се отвораат нови можности за идни научни истражувања кои понатака би можеле да имаат широка примена во производството на различни видови кремови, масти или тинктури, а од аспект на прехранбената индустрија, би можеле да бидат одлична замена за синтетските адитиви.
„Токму затоа треба да се размисли да се воведе дополнителна заштита на дрвјата костен кои се во исклучително одлична здравствена состојба барем оние кои ние ги користевме, тие се дел од централното градско подрачје, на шпто обративме посебно внимание. Навистина ова треба да се вклучи можеби и како туристичка атракција, да им се каже на туристите со какво природно богатство располага градот Охрид, а секако тоа би било промоција и за Македонија.“, посочува Моника Стојанова,
Доктор Стојанова упати апел до граѓаните да не започнуваат сами да ги берат дивите костени и да ги консумираат, затоа што таквите може да бидат отровни.
Напомена дека она што тие го прават е извлекување само на корисните компоненти при процесот на екстракција.