Охридскиот пливачки маратон стартува сабота
Охридскиот пливачки маратон ќе се одржи на 10 септември. Традицијата продолжува со маратонското пливање по заложбите на општина Охрид да не згасне најстарата и најпрепознатлива спортска манифестација во градот. За помалку од две недели Локалната самоуправа вложи напори и обезбеди средства за негово одржување. Се јавија и голем број фирми од Охрид и регионот да го помогнат финансиски одржувањето на маратонот и да ги покријат трошоците за патување на маратонците. Општина Охрид заедно со Агенцијата за млади и спорт и општинските пливачки клубови се изборија иако со задоцнување, сепак да има Охридски пливачки маратон, кажа градоначалникот Кирил Пецаков.
Во пракса се покажа дека е тешко да се организира маратон во краток период. Но, добро е што сепак маратонот ќе е со учество на светски пливачи и ќе биде пример како треба да се организира во наредната година. Од октомври-ноември ќе започнеме со организација на наредното издание на Охридски пливачки маратон. И никогаш повеќе нема да биде доведен во прашање дали ќе се одржува или не – истакна градоначалникот.
На 35-тото издание на Охридскиот пливачки маратон во краток период се пријавени маратонци во машка и женска конкуренција. На 25 километарската патека Климе Савин ќе пливаат маратонци од нашата земја и од повеќе странски земји. Пријавени се осум пливачи од пет земји, информира Ристе Јанкоски од пливачкиот организациски одбор.
Во рамките на маратонот се организирани и други содржини за да се врати изгубениот сјај од минатото. Во четврток, на платото на плоштадот Табана ќе се направи презентација на сите пливачи кои ќе пливаат на маратонот. Ќе има и изложба од стари фотографии од минатото и презентација на документарен филм за охридските пливачки легенди. Во петок, во домот на култура филмот ќе може да го видат и децата од основните училишта – вели Јанкоски.
Спортската манифестација Охридски пливачки маратон ќе биде збогатена и со други пропратни содржини. Средношколците од СОУ „Св. Кирил и Методиј“ во соработка со УНДП ќе одржат еко работилница на тема „Заеднички перспективи, младите за Охридското езеро“. Спортската манифестација ќе биде збогатена и со музичка програма со концерт на охридскиот ансамбл „Билјана јуниор“.