Skip to main content

Охридските фризери незаинтересирани во дуќаните да примат калфи

Охридските фризери незаинтересирани  во дуќаните да примат калфи. Мал е интересот за проектот на Усаид  педесет невработени лица од Охрид, Битола и Прилеп да бидат ангажирни како   калфи кои понатака би се стекнале со дипломи за фризери. Никој нема одговор зошто нема интерес кај занаетчиите да примат калфи кога со години биле најгласни во барањата за  калфи и чираци, велат од Регионалната комора на занаетчии. 

 |  Валентина Неловска  | 

Охридските фризери незаинтересирани да примат во своите дуќани калфи. Досега само 6 -мина фризери и фризерки побарале да примат 8 калфи кои по обуката ќе може да се стекнат со диплома и ќе може самостојно да работат, вели Сашо Богојески, претседател на Регионалната занаетчиска комора. Со тоа можноста која ја нуди Усаид за подобрување на занаетчиската дејност во земјава остана без поголема поддршка. Занаетчиите од Охрид, Битола и Прилеп имаат можност да примат калфи кои ќе им помагаат и ќе го учат занаетот.

„ Немам одговор. Не ми е јасно наназад со години токму фризерите беа најгласни од сите занаетчиски дејности во барањето да им се овозможи да примат калфи во нивните дуќани. Еве им можност, а заинтерсираноста е мала. Која е причината не знам,“ вели Богојески.

Ситуацијата е слична и во Битола. Засега во Охрид и Битола има потреба за 20 калфи од предвиденат бројка 50 невработени лица да бидат ангажирани и да се стекнат со обука за фризери. Занаетчиите немаат никакви обврски спрема калфите. Единствен критериум за калфите е да се пријавени во Агенцијата за вработување како невработени и да имаат навршени 15 години возраст, појаснува Богојески.

„ Со проектов на практикантите и калфите им се доделува алат во вредност од 20.000 денари да го учат занаетот 9 месеци. На крај полагаат за диплома за која треба сами да издвојат 3000 денари“, кажува Богојески.

ТВМ го контактираше и претседателот на фризерскиот еснаф од Охрид за тоа која е причината за незаинтересираноста за ангажирање на калфи. Прашавме дали станува збор за страв од конкуренција или е во прашање нешто друго. Претседателот кусо кажа дека не го знае одговорот, но смета дека повеќето занаетчии се неодговорни и не го сфаќаат сериозно проектот. На закажаната средба со занаетчиите и охридската регионална Комора од уредно поканетите 73 охридски фризери и фризерки на состанокот дошле само 22-ца.