Охридските гимназијалци на камп на иновации „Зелена младина – зелен раст“
Под мотото „Младите се двигатели на одржливиот развој“ се одржа иновативниот камп кој имаше за цел да ја поттикне креативноста, знаењето и активното учество на младите во создавање решенија за позелена иднина.
Кампот беше наменет за млади луѓе со идеи, ентузијазам и желба за позитивни промени. Како што информираат од охридската Гимназија, во текот на неколкудневната програма, учесниците имаа можност да работат во тимови на развој на зелени иновативни проекти, да следат работилници и предавања од експерти за одржлив развој, екологија и претприемништво, да се вмрежат со млади лидери, организации и компании кои инвестираат во зелени иницијативи, но и да презентираат идеи пред жири и потенцијални инвеститори.
-Фокусот на кампот беше поставен на иновативни решенија за енергетска ефикасност, циркуларна економија, заштита на природата и климатска акција, со што младите се охрабрија да креираат конкретни чекори за зелен раст и одржлива иднина, се додава во соопштението од ОСУ “Св. Климент Охридски” – Охрид.
На кампот кој се одржуваше во хотел ,,Десарет” учествуваа учениците Иво Георгиевски, Симона Димитриевска и Марија Шиникоска под менторство на проф. по хемија Јасминка Иваноска. Настанот е организиран од Junior Achivеment.