Охридските локални производи ќе се подостапни за туристите
Посетителите повеќе сакаат да го искусат локалното поднебје кое ќе им донесе економски бенефит на локалните производители. Секторот за туризам и локален економски развој за оваа летна сезона ќе применува проекти и мерки кои треба да донесат промени во локалната туристичка индустрија и охридските производители.
Во Охрид ќе започне кампањата „Купувај локално“. Со доаѓањето на туристите во пролетните и летните месеци ќе се поддржуваат охридските локални производители, најавуваат од Секторот за туризам и локален економски развој. Со проектот „Купувај локално“ ќе се доближат производителите до купувачите, кои пак, ќе ги помогнат директно во нивната работа, напоменува Ѓоко Апостолов, од ТЛЕР. Претходно се направени истражувања кои покажале дека посетителите се желни да го запознаат локалното поднебје кое го избрале како дестинација за одмор.
Туристите претпочитаат да користат локална храна, пијалоци и услуги. На овој начин сакаме да го поттикнеме тоа и веруваме дека ќе дојдеме до еден момент кога самите производители ќе ги применат новите стандарди за промоција на своите производи со програмата за локален економски развој. Предвидени се обуки за самостоен маркетинг, начини како да се промовираат производите и да се остварат повисоки приходи – истакна Апостолов.
Секторот за туризам и локален економски развој за претстојната туристичка сезона планира и други проекти за промени во туристичкиот сектор. Со поголем број обуки ќе се поттикнуваат охридските ресторани, кои ќе покажат интерес за соработка, да ги менуваат досегашните практики.
Преку воведување на пилот прoграма наречена „Lоcavore“ ќе бидат одбрани неколку ресторани. Во соработка со нив ќе се потрудиме да го вметнеме презентирањето на домашните продукти. Рестораните ќе имаат посебни менија каде што ќе се служат исклучиво локални производи. Тоа е една од мерките предвидени за директна помош на локалните производители – додава Апостолов.
Општината ќе финансира микро проекти за развој на локалниот туризам. Во таа насока за развој на руралниот туризам ќе се поддржуваат во што поголем број да се вклучат жените.