Skip to main content

Охридските менаџерки пофалени за 8 ми Март

Охридските менаџерки на јавните претпријатија и институции, се докажани на раководните функции, а за тоа говорат постигнатите резултати, изјави заменик градоначалникот Ангел Јанев. Тој денес оствари средба со нив, им подари букет цвеќе во знак на одбележување на Денот на жената, 8 ми Март.

 |  Николоска Биљана  | 

Жените, директорки од Охрид, денес беа на прием во Локалната самоуправа, по повод Денот на жената. Нив ги пречека заменик градоначалникот Ангел Јанев. Тој нагласи дека денешниот ден е историски и во име на општина Охрид, градоначалникот Никола Бакрачески и во негово лично име, на сите жени им го честиташе прзаникот. Јанев истакна дека во нашата земја во Локалните самоуправи жените се застапени со 40% што го надминува законскиот процент кој е околу една третина односно 33,3 % .

„Соработката пред се со здружението на жените но и со институциите кои што ги водат жените имаат една посебна димензија во соработката не само со Локалната самоуправа, туку и воопшто во соработката на Вас како раководни органи како жени воопшто, со обичните луѓе од една страна меѓутоа и со институциите на системот во кој што Вие постигнувате најдобри резултати. Резултатите во нашиот град се повеќе од очигледни, јас ја користам оваа прилика да и денес им заблагодарам за таквите резултати, да се држите, да се борите, се што треба во доменот на нашите можности ние ќе помагаме, но ѕвездите водилки во таквата комуникација и во таквите успеси сте вие“ – вели Јанев.

8 ми Март е меѓународен празник. Тој е признание на економските политичките и општествените достигнување на поубавиот пол. Во одредени држави политичкиот елемент на празникот зема приоритет како и темата за човековите права на жените. На големата застапеност и на политичката и на јавната борба на дамите во светот се гледа одговорно и со надеж. А за тоа колку се почитувани, сакани, дали се цени нивното внимание, труд, пожртвуваност, рамноправност, дел од охридските директорки со свое гледиште.

„Последните години жената излегува на површина, се повеќе и повеќе е ценета во семејството но и на професионален план, како мајка жената секогаш се истакнува не само како член на семејството, таа излегува и надвор и се докажува со својата креативност, со сите нејзини квалитети кои ги поседува. Рамноправноста не треба да биде веќе прашање бидејќи жената е рамноправна со машкиот пол“.

„Но денес кога веќе ги имаме правата ние се чуствуваме дека не е само овој ден нешто посебно и значајно, туку дека сите денови се наши, од околината од најблиските, колегите, се чувствуваме и почитувани и сакани и гледаме дека се цени нашиот труд и залагање секогаш“.

„Благодарна сум на сите околу мене кои што ми помагаат и навистина сум почитувана, ми обраќаат внимание, јас во иста мера во однос на она што е предмет на работа, ги сослушувам, ги разбирам и помагам колку што можам“.

Охридските директорки на Јавните претпријатија и институции, со заменик градоначалникот Ангел Јанев, разговараа за нивните активности околу денешниов ден но и воопшто за одговорноста која ја носат, но и за дел од проблемите кои треба во иднина да се надминат. На крај, сите добија прекрасено декориран букет во знак на внимание.