Охридските овоштари ги фрлаат скапаните јаболка кои не успеаа да ги продадат
Дел од есенскиот род на јаболката од охридските регион заврши на нивите и покрај речните корита. И додека едни овоштари се лутат на државата, реалните повикуваат на менување на навиките и спасот го гледаат во здружување и едукација на овоштарите.
Охридските овоштари почнаа да го фрлаат непродадениот род на јаболка и да ги чистат магацините. Стовариштата за јаболка се полни со плодови кои скапуваат. Оваа година беше тешка за прозиводителите скоро и да немаше откуп на јаболка или пак се откупуваа по енормно ниски цени, вели охридскиот овоштар Ванчо Стојаноски. Многу фактори придонесоа родот да остане непродаден и да скапува по магацините, кажува Стојаноски. И додека едните се лутат на државата што нема пласман и бараат помош за полесно да ги пребродат загубите, Стојаноски повикува на менување на свеста кај овоштарите. Вели за успешен пласман на производителите на храна на пазарите на ЕУ и пошироко треба час поскоро да се менуваат досегашните навики и свест.
„ Државата треба што поскоро да превземе рез како да се окрупнат имотите таа има начин. Потребно е организирање на овоштарите во задруги. Надвор има производители со стотици хектари насади па мора да се организираат за пласман. Без организиран настап тешко е пробивање на големите пазари. Од нас зависи што побрзо и поефектно да се организираме. Потоа другите работи ќе дојдат. Тука е и едукацијата. Мора да се намалат трошоците во производството, третамнните на прскање и да се зголемат ефектите. Само така ќе се пробиеме на тој пазар“, вели Стојаноски.
Стојаноски додава дека во ера на глобална светска трговија завршило времето кога државата го решавала пласманот на производите. Овоштарите сами да ги решаваат проблемите за да бидат поконкурентни на светските пазари и да не трпат вакви загуби во кои вложуваат многу пари и макотрпен труд. Стојаноски за родот кој се фрла вели дека овоштарите мора некаде да се ослободат од овошјето кое скапува.
„ Во оваа ситуција да не се фрла на патиштата и речните корита и водотеци. Некаде да се фрла понастрана. Апел до институциите да одредат некоја локација каде ќе се одлагаат скапаните јаболка “, напоменува Стојаноски.
Во охридскиот регион и Дебрца има некаде околу 1000 хектари површини со засадени со јаболкови насади.