Охридските пензионери бараат линеарно зголемување на пензиите од септември
Охридските пензионери денес на протест со едно единствено барање, а тоа е линеарно зголемување на пензиите од септември. Велат, спонтано се собрале пред седиштето на Здружението на пензионерите на Охрид и Дебрца и имаат свои аргументи зошто бараат линеарно, а не процентуално зголемување. Пензионерите со објаснување дека потребно е утврдување систем на најниска пензија, која ќе изнесува 80% од минималната плата во земјата. Се сретнале со претставниците на Здружението на Пензионерите на Охрид и Дебрца, барајќи поддршка, но поддршка не добиле вели Кирил Јосифоски, пензионер.
„ Да, се сретнавме со претставниците од Здружението, побаравме поддршка да ова го презентираат овдека, ама ги нема. Ги нема, не дојдоа. Целата работа е тоа, линеарно зголемување, аргументите ги презентиравме и мислам дека почнавме со контакти на ниво на Македонија и ќе продолжат активностите се додека не се исполни ова наше барање.“ – вели Јосифоски.
Вакви протести во изминатите неколку дена се одржуваат речиси низ сите градови во Македонија. Пенизонерите револтирано велат дека со тековната стапка на инфлација, со парите кои ги одвојуваат за лекови и за режиски трошоци, им остануваат пари само за неколку дена. Додаваат, дека дека цените на храната и производите за лична хигиена енормно растат, а тие се исти за секој пензионер, без оглед дали некој има приход од 10, 13 или 30 илјади денари.
„Ојдов да ја земам сабајлево пензијата пред да дојдам на штрајков. Пензија јас имам околу 13 илјади, одбитоци имам, кредити имам. А, двајцата со момчето, имаме едно дете кое е невработено, не можеме да издржиме од крај до крај. Неиздржливо е многу.“ – вели пензионерката Вера Блажеска.
„Со 13 илјади комуналиите и лекарствата и ми остануваат само 5 илајди денари. Само режиски трошоци имам 6000 денари, и со тие седум илјади кои ми остануваат, што можам јас понатака да сторам. Јас сум сама.„ – вели Иваноска Богица.
„Јас знам со 4 илијади, не носам доказ фискална сметка дека во аптека ги давам. За сметки, под 4-5 илјади нема. И тоа со големо штедење. Немаме ние ни за леб, ни за сол, тоа да ви го кажам. Немам никој кој дома работи. Јас сум. Ама струјата дали петмина дали еден, оганот дали пет или еден.“ – вели Ристеска Даница.
Со најавеното зголемување на пензиите од септември за 6.8%, пензионерите со најниска пензија ќе добијат плус околу седумстотини денари, додека оние со повисоки пензии до 2000 денари.