Охридските семејства корисници на минимална помош се на средна возраст со деца
Најголем дел од нив останале без работа во секторот угостителство и трговија. Сите кои се во социјален ризик може да аплицираат за користење на гарантирана социјална помош, а во тек се и апликации за детски додаток и образовен додаток за семејствата кои имаат основци и средношколци.
Во охридскиот центар за социјални грижи се регистрирани 600 домаќинства корисници на гарантирана минимална помош. Оваа бројка во споредба со истиот период од минатата година кога бројката се движела меѓу 400 и 500 корисници, годинава се зголемила за стотина кои останале без приходи во семејството. Бројката е променлива во зависност од тоа колку семејствата останале без егзистенција од ударот на пандемијата и немаат имот, информира Мира Врангалоска, социјален работник од Центарот за социјални грижи.
Повеќето семејства кои се обраќаат за гарантирана минимална помошсе на средна возраст и имаат деца во основно и средно образование. Доста има и едночлени домаќинства, лице кое било во работен однос па му престанал работниот однос – истакна Врангалоска.
Апликациите со барања за добивање гарантирана минимална помош може да се поднесуваат во секое време во моментот кога домаќинството се доведува во социјален ризик. Гарантирана минимална помош во износ од 4.080 денари го следува едночленото семејство и субвенција во износ од 1080 денари за електрична енергија во грејна сезона. Семејствата со деца, пак може да користат детски додаток и образовен додаток за кои се поднесуваат барања на почетокот од секоја нова школска година.
Семејствата кои имаат ученици образовниот додаток го примаат квартално на секои 3 месеци по 2000 денари за основно образование и за средно 3000 денари или годишно 12. 000 денари за средно и 8.000 денари за основно образование – додава Врангалоска.
Во првата половина од овој месец во Центарот за социјални грижи пристигнати се 8 поднесоци за гарантирана минимална помош, а во тек се апликациите за детски додаток и образовен додаток.