Охридските советници ќе одлучуваат за затворање на Буково и формирање на ново ЈП „Депонија“
Општината ќе издава концесии за плажи на крајбрежјето според планот за управување со Охридското крајбрежје. Приоритет на Локалната самоуправа е да работи и понатаму на имплементација на препораките на Унеско за да се зачува загрозениот статус на Охридскиот регион.
Наскоро охридските советници ќе одлучуваат за затворање на депонијата Буково и формирање на ново јавно претпријатие. Министерството за животна средина и просторно планирање има решение за депонијата Буково која според препораките на Унеско требаше да биде затворена пред една година. Досега, пропаѓаа неколку обиди да се најде најсоодветна локација за изградба на регионална депонија според светски стандарди. Градоначалникот Кирил Пецаков напоменува дека на повидок е трајно решение за депонијата Буково. Треба да се формира јавно претпријатие за Југозападниот регион. Според него треба да се изградат 7 претоварни станици. Една од нив ќе биде во Охрид и ќе се дислоцира еден од најголемите проблеми и сериозна забелешка од Унеско за депонијата Буково.
Имавме состанок со Југозападниот регион заедно со министерството за животна средина. На почетокот од оваа година ќе почне да се носат одлуки за формирање на еднакви удели за формирање Јавно претпријатие „Депонија“ кое ќе е на територија на општина Новаци – истакна Пецаков.
Приоритет на Локалната самоуправа е да се зачува разнишаниот Унеско статус, Охрид и Охридското езеро да не се најдат на листата на загрозени подрачја. Локалната продолжува со имплементација на сите преземени дејствија за да не се загуби стекнатиот статус на заштитено светско природно и културно наследство.
Наша заложба и определба, како ЛС и на мене како градоначалник е да не смееме да дозволиме да се градат нови дивоградби. Она што се случувало во минатото мора да сме свесни дека се гласање за легализација на дивоградбите пред 7-8 месеци, законот ќе дојде во постапка пред Собрание, ќе може да се легализираат објекти до одреден датум, освен крајбрежјето и заштитената зона, ќе има можност да се легализира и тоа како држава го прави последен пат – вели Пецаков.
Помеѓу започнатите дејствија е и еден од најсензитивните проблеми за туристички Охрид, начинот на уредување и издавање под концесија на плажите. Градоначалникот Пецаков подвлекува дека крајбржејто ќе се уредува според Планот за управување со Охридското крајбрежје и опфатот кој ќе покаже колку плажи треба да се уредат. Тоа треба да го завршат во Министерството за транспорт и врски, а ЛС понатаму ќе го заврши својот дел со почитување на планот според Унеско, подвлекува охридскиот градоначалник.