Охридските установи од областа на културата се задоволни од одобрените финансиски средства за реализација на проекти
Министерството за култура распредели 11 милиони евра од Годинешната програма за финансирање проекти од национален интерес во културата за оваа година. Поддржани се проекти кои се во функција на развојот, афирмацијата и промоцијата на културата, заштитата и промоцијата на културното наследство на нашата земја.
Министерството за култура ја објави Годинешната програма за финансирање проекти од национален интерес во културата за оваа година. Ресорното министерство распредели 11 милиони евра на пристигнати 6.352 апликации. Меѓу проектите се одобрени средства и за проекти од охридските установи од областа на културата, НУ Бибиотека Григор Прличев, НУ ЦК Григор Прличев, Фестивалот Охридско лето и НУ Завод и Музеј. ТВМ упати прашање до директорите на охридските установи од културата дали се задоволни од одобрените финансиски средства за проектите со кои аплицирале оваа година.
Најреномираната музичко сценска културна манифестација Фестивалот „Охридско лето“ доби 20 милиони денари од Годинешната програма за финансирање проекти од национален интерес во културата. Наташа Поповиќ, директор на Фестивалот, за ТВМ Телевизија изјави дека се задоволни од одобрените средства.Ветуваат реализација на квалитетна програма заедно со останатите помогатели на Фестивалот охридската Локална самоуправа, Владата, спонзорите на Охридско лето и дипломатските претставништва во земјава.
„Со оглед на состојбата во која се наоѓа нашата земја и светот во време на пандемија сум здоволна од одобрениот буџет. Охридско лето ќе има квалитетна програма која е веќе при крај и е изготвена. Ќе имаме квалитетна програма 40 дена. Ќе почнеме на врема на 12 јули, програмата е таа , буџетот е тој и сум задоволна.“
Од НУ ЦК „Григор Прличев“ добиле средства за реализација на два драмски проекти „Изгубени Германци“, автор Дејан Дукоски , режија на Сашо Миленкоски во висина од 800.000 дена. 1 милион денари се одобрени за драмата „Балкански шпиун“ автор Душан Коваќевиќ, режија Љупчо Ѓорѓиевски. Одобрени се средства за одржување на сите традиционални музички манифестации како што се Балкански фестивал и Охридски староградски средби, градскиот хор. Поддржан е и нов копродукцији проект „Вечер со звуците на хармониката“ во вина од 400.000 денари. Горан Симоноски, директор на НУ ЦК „Григор Прличев“, е задоволен од доделените средства на нивната установа.
„За разлика од минатата година има повисоки средства од ресорното министерство за реализација на проекти како што е за одржување на Балканскиот фестивал. Во материјални средства имаме добиено 80.000 денари за купување на проектор и набавка на компјутерска опрема.“
Од НУ Завод и музеј, исто така, се задоволни од добиената финансиска поддршка. Инаку, во Годинешната програма е наведено дека на установата и се одобрени средства за 16 проекти. Помеѓу поголемите ги издвојуваме проектот во висина од 2,5 милиони денари за поствување покривна конструкција во 3 фаза, за превентивна заштита на објектот „Римска бања“ на археолошкиот локалитет Плаошник. 500.000 денари се одобрени за тековно одржување и санација на оштетени делови од музејскиот комплекс Музеј на вода, потоа за изработка на проект за санација на фрескоживописот во црквата Св. Софија се одобрени 200.000 денари. 2 милиони денари се одбрени за конзерватоско- реставраторски зафати врз архитекрурата на црквата Св. Богородица Заумска, Трпејца.
Од НУ Бибиотека „Григор Прличев“ се задоволни од одобрените средства за проектите со кои аплицирале за поддршка од ресорното министерство. Меѓу повеќе проекти им се доделени средства за збогатување на книжниот фонд на двете одделенија за возрасни и за деца во висина од 450.000 денари , како и 55.000 денари за заштита на оштетени стари раритетни книги по пат на конзервација и реставрација.