Охридските земјоделци ги прават подготвките за оранжериско садење на домат
Охридските земјоделци ги прават подготвките за оранжериско садење на домати.
За охридските земјоделци средината на април е време кога се расадува домат во пластениците. Земјоделци ги прават завршните подготовки на почвата за садење во оранжериите. Ванчо Стојаноски, охридски земјодлец поборник за органското производство, при тоа препорачува употреба на препарати кои ќе го подобрат квалитетот на земјата. Постојат големи ризици почвата да заболи и да се инфицира од претходните насади од земјоделските растенија па затоа е потребна и нејзина соодветна подговотка, предупредува Стојаноски. Посочува соодветни третмани за заштита. Наведува дека покрај употребата на арско ѓубриво со кое се менува PH вредноста на почвата, важна за исхраната на растенијата, да се употребува и негасена вар.
„ Се практикува постилање на негасена вар на површинатат на почвата. Со тоа се постигнуваат два ефекти. Дезинфекција на почватат против пламеница и прихрана со калциум за растенијата. Заради недостаток од калциум долната страна од пиперката или доматот се суши или скапува“, појаснува Стојаноски.
Со овој третман нема потреба да се прихранува растението преку листот туку преку почвата од коренот, вели Стојаноски. Напоменува дека покрај ова при подготовката за садење добро е пластенците да се засенчат со пластична 40 постотна мрежа со која ќе се спречат високата температура во пластениците и УВ зрачењето, кои се штетни за растенијата, напоменува Стојаноски. Додава дека при расадувањето доматот треба да се наводни и да се употреби фосфор заради подобро зафаќање на кореновиот систем. Во разговорот за што повисок принос, но пред се и здрави земјоделски култури, стана збор и затоа колку се едуцирани земјоделците да ги усогласат овие две компоненти.
„Да бидам искрен за жал добар дел од земјоделците не се доволно обучени и не ги познаваат најдобро работите и во трката за профит не внимаваат што применуваат. Но, производството не од денес за утре па кога ќе се инфицира почвата тогаш многу скапо ќе ги чини земјодлеците незнаењето. Препорака до земјоделците е да внимаваат на почвата бидејќи не ја имаме само за денес и понатака треба да ја користиме,“напоменува Стојаноски.
Стојаноски смета дека земјоделците може да имаат истовремено и квантитет и квалитетен принос на производи само доколку се организирани во земјоделски задруги каде што ќе разменуваат знаења од агрономијата. Овој охридски земјоделец посочува дека во таа насока треба да се вклучат и институциите како што се Институт за земјоделие и Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство преку нивните агенции.