„Охридско лето“ трета година со ред најуспешна манифестација според Министерство за економија
Влијанието на овој наш најреномиран фестивал во делот на туризмот според директорката Елизабета Јанкуловска е повеќе од очигледен.
Трета година со ред нашата најреномирана културна манифестација, фестивалот „Охридско лето“ ја добива наградата „најуспешна манифестација“ од страна на Министерството за економија за нивниот придонес во развојот на туризмот. Директорката на „Охридско лето“, Елизабета Јанкуловска вели дека фактот дека некој ја следи работата на фестивалот и за тоа ги наградува навистина го ценат.
„Претставува за нас огромна чест и задоволство, претставува голем поттик и признание за тоа што го правиме и градиме . Ја започнавме приказната со „Охридско лето ви препорачува“, сакавме и донесовме стратегија за поврзување на културата, туризмот и презентацијата на културното наследство. Тоа си даде резултат. Покрај тоа што се грижиме и ги спојуваме културата, културното наследство и туризмот, создаваме една успешна приказна која се шири и надвор од нашите граници.“-вели директорката Јанкуловска.
Јанкуловска вели дека во делот на туризмот, во изминативе години, фестивалот „Охридско лето“ прераснал во вистински рамноправен чинител. Со просечна бројка на посетители од 20 до 25 илјади, според неа и тоа како влијаат на зголемување на бројот на посетители во нашиот град. Додава дека фестивалот, особено годинава го посетиле и голем број на реномирани меѓународни новинари.
„Охридско лето од неколку аспекти дејствува во полето на промоцијата не само на културата туку и на туризмот и културното наследство. Еве само како паралела, низ годините наназад, ако земеме некои просечни бројки, од 850 до 1000 уметници се учесници секоја година на фестивалот. Годишно, ние само уметници ги носиме овде, дел се домашни, повеќето се меѓународни гости, тие се сместени овде, ние се обидуваме да им го презентираме културното наследство, да го поврзиме со туристичкиот аспект и повратно на тоа ние имаме годиниве, овие неколку години, дел од уметниците ни доаѓаат со семејствата и велат дека ќе дојдат повторно.“-рече таа.
Инаку, освен фестивалот „Охридско лето“, од нашиот охридско-струшки регион, со награди се здобија и хотелот Инекс Горица од Охрид во категоријата „најуспешни хотели“, потоа хотелите Изгрев и Мираж од Струга за „нова туристичка понуда во делот на хотелиерството“, додека пак за најуредени плажи награди добија плажите „Голден бич“ од Охрид и плажите на х.Дрим и Версус од Струга. Овие награди, министерството за економија ги доделува по повод светскиот ден на туризмот.