„Охридско лето“ се закити со уште една награда
Фестивалот Охридско лето се закити со уште едно вредно признание како најголема културна манифестација, водечка во градењето на културните вредности на државата.
Фестивалот Охридско лето се закити со уште едно вредно признание како најголема културна манифестација, водечка во градењето на културните вредности на државата.
На синоќешната свеченост во Скопје, по повод 70 години од постоењето на Македонската филхармонија, Охридско лето доби благодарницата за особен придонес во растежот и развојот на најстарата национална музичка институција во земјава. Наградата ја прими претседателот на Управниот одбор, Зоран Вељаноски- Летра. Според него голема е честа да се добие едно вакво признание кое ги потврдува напорите Фестивалот да биде сцена за најголемите и најуспешните.
-Македонската филхармонија како наша национална гордост, секогаш е дел најзначајните моменти на Охридско лето.
Некако по традиција единствениот симфониски оркестар во нашата држава го имаме на свеченото отворање на Охридско лето, на најголемите концерти каде настапува со најголемите светски уметници. Македонската филхармонија , која е беспрекорна во својот професионален ангажман , заслужено секогаш ќе биде дел од фестивалската сцена на Охридско лето,вели Вељаноски- Летра.
Признанија за поддршка добија и претседателот на државата Ѓорге Иванов, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, Македонската опера и балет и други истакнати личности кои допринеле во афирмацијата на Македонската филхармонија.
Големиот јубилеј- 70 години успешно опстојување се одбележа со концертот насловен „Го славиме јубилејот“ во Македонската опера и балет. Оркестарот на Македонската филхармонија настапи под палката на рускиот диригент Дмитри Лис, кој се смета за еден од најдобрите диригенти во Европа од неговата генерација, а како солист настапи виртуозот на пијано, Русинот Борис Березовски, кој критиката го вбројува меѓу најмоќните пијанисти на денешницата.
{loadposition content9}