Се намалува интересот за земјоделие во охридско струшкиот регион. Нивите „зјаат” празни, а младите немаат интерес за обработување на почвата. Земјоделците велат причините се малата заработувачка, штетите од временските непогоди, скапите препарати, неизвесниот пласман и ниските цени.
Интерес има само за одгледување на Охридската цреша која е попрофитабилна и има пласман, велат земјоделците.
„Добар дел од младите си заминуваат се повеќе обработливи површини остануваат празни со самото тоа ќе дојде и до поскапување на земјоделските производи за жал. Ако соодветно се однесуваме кон земјоделието и добар дел од младите останат знаете колку е добро за една држава своите потреби да ги обезбедува со сопствено производство.“, вели Ванчо Стојаноски земјоделец.
Земјоделците се жалат, велат нивиот труд не е соодветно вреднуван и немаат сигурен пласман на производството. Потребна е поголема поддршка од државата.
„ Едно дете имаме машко, тој учи медицина и не сака да се занимава со земјоделие. Земја неќе затоа што види проблемот е во државата ако има невреме, не ни плаќа оштета. За таа земја што ја работам јас само 20 000 денари ми даваат, што ќе правиш со 20 000 денари”, вели Мемед Жаку земјоделец.
Намалување на земјоделското производство и обработливите површини покажуваат и официјалните податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС). Лани двојно се намалило производството на јаболка и праски, крушите за 41,2, сливите за 46,1. . Поголемо намалување е забележано и кај сончогледот, доматите и краставиците.
Новинар Соња Рилковска