Skip to main content

Во охридско угинуваат цели пчелни семејства како резултат на климатските промени

Во Охридско угинуваат цели пчелни семејства како резултат на климатските промени, сушата и недостаток на полен. Пчеларите порачуваат дека проблемот може да се ублажи до некој степен со засадување медоносни растенија. Но покрај климатските промени, пчеларниците годинава се на удар и од крадци, велат од Здружението на пчелари.
 |  Маја Савиќ  | 
brown and black bee on brown wooden stick

Пчеларите во охридскиот региион оваа година се соочуваат со масовно угинување на пчелни семејства. Смртноста во пчеларниците е од 30 до 100% информира Претседателот на Здружение на пчелари Охрид, Наум Трпчески.

„ Мое мислење , но и мислење на стручната фела е дека тоа се должи на сушата која го зафати изминатиот месец август, недостатокот на полен за одгледување на леглото така што настана прекин на легло и немаме смена на генерации, смртноста на пчелните семејства е во јануари, февруари или март. Но и онаму кaде нема голема смртност имаме релативно слаби друштва кои тешко дека навремено ќе се развијат за да можеме од нив да репродуцираме нови семејства. – вели Трпчески.

Пчеларите се немоќни да го спречат угинувањето на пчелите, можат само да амортизираат до некој степен со засадување медоносни растенија. Но климатските промени како да не се доволна мака, пчеларниците се на удар и на крадци и на диви животни.

„Оваа година за жал, на мое големо разочарување имаме кражби на пчелни семејства. Имаме големи загуби поради климатските промени и недостатокот на полен, а разочарува и тоа што и кражбите се неминовен проблем оваа година.– вели Трпчески.

Висококвалитетниот мед кој се произведува во охридскиот регион се помалку го има бидејќи опаѓа издашноста на пчелните семејства. Но и за она што ќе се собере тешко се наоѓа пласман поради нелојална конкуренција од увоз на мед, најчесто со лош квалитет.

„ Тоа е резултат како глобален проблем и на климатските промени. Како пчелари се соочуваме со бројни предизвици изминатиот период. Фалсификуваниот мед и понатаму е еден од главните. Нема економска логика да се продава по пазарите по 300 ден килограм мед, кога производната цена е далеку повисока. Оттука апелираме до институциите на државата помасовно да вршат контроли.“ – апелира Трпчески.

yellow and black wasp

Поради проблемите со кои се соочуваат, пчеларите во охридскиот регион ги надоградуваат своите знаења, соработуваат, учат како да се справуваат со предизвиците дејствувајќи организирано во здружение формирано уште во 1974 година. На територијата на општините Охрид и Дебрца има околу 350 активни пчелари, но радува фактот што во последните години има млади луѓе кои започнале да се занимаваат со пчеларење.