Охридското автохтоно вино вранец барик наградено на меѓународен саем на вино
Охридскиот вранец барик награден на седмиот по ред Меѓународен саем на вино „ЖУПА 2018“. На овој саем Охрид беше град партнер , а со промоцијата на Охридскиот регион и угостителската понуда на регионални и локални вина се отвараат нови можности за развој на туризмот.
Охридското автохтоно вино вранец барик наградено на меѓународен саем на вино „ЖУПА 2018“ кој се одржа во Александровац, Република Србија. Производител на ова вино е винаријата Мал Св. Климент, а сопственикот Будимир Соколовиќ задоволен од освоеното второ место кажува дека ова вино е специфично по многу негови карактеристики што ги препознаа и стручњаците.
Наградата ја добив согласно квалитетот на виното кое одлежува веќе 18 месеци во барик дабова бочка и има порафиниран, попрефинет вкус. Ова беше добра можност да се презентираат и вината од охридскиот регион кои не се толку познати како тиквешките вина, вели Соколовиќ.
Саемот беше организиран под покровителство на општина Александровац, а учество зедоа над шеесет винарии од Србија, Македонија, Црна Гора, Бугарија и Романија, како и туристички работници и агенции од регионот. За Охрид како туристичка дестинација со богато културно наследство и традиционална понуда за регионалните пазари на соседните држави, ваквите регионални манифестации претставуваат извонредна можност за туристичка промоција, реализација на деловни активности и воспоставување на партнерска соработка, потенцираат од локалната самоуправа.
Овие туристички сегменти се од година во година се повеќе важни во севкупниот туристички развој на една дестинација имајќи во вид дека Охрид располага со потенцијали кои можат да бидат развиени и сметавме дека е добро да се посети овај саем и оди во прилог и на нашата туристичка промоција како град, вели Горан Мицкоски од Тлер.
Промоцијата на Охридскиот регион и угостителската понуда на регионални и локални вина во туристички цели претставува можност која треба да се развива и во иднина поинтензивно да се промовира имајќи во предвид дека активниот туризам, во кој спаѓа и винскиот туризам, претставува туристичка гранка која на пазарите секоја година добива се поголемо внимание и значење.