Охридското езеро остана без марина
Иако со децении се најавува изградбата на соодветно паркиралиште за пловните објекти, тоа до денес го нема.
Каналот „Билјанини извори“ остана импровизирана марина, небезбедно паркиралиште за пловилата. Најкритичен е влезот во езерото, кој е непрегледен и тесен. Тешко се разминуваат пловни објекти кои испловуваат и впловуваат.
Опколени со трски глисери, чамци, кајчиња, бродови и едрилици секојдневно влегуваат во езерото.
Потребата од изградба на марина со вода, струја и дотур на гориво, последните години е се поголема, поради зголемениот број на пловила.
Во моментов сите места се исполнети, се бара паркинг место за пловило повеќе. Се надевам ќе се изнајде начин да се изгради што поскоро марина за тој притисок да заврши. Многу пловила се по информација што ја имам околу 3000 пловни објекти се регистрирани во капетанија, а ние стопанисуваме со 130 паркинг места, а вкупно во каналот има место само за 250 пловила – вели Теодор Андоноски, директор на ЈП Билјанини извори.
ЈП „Билјанини извори“ за да одговори на потребите на барателите и годинава нуди сува марина, но за такво паркирање на пловилата нема интерес.
Имаме и сува марина ама тоа ретко кој го користи, сите си имаат обезбедено сува марина проблем е паркирањето во каналот – додава Андоноски.
Некогашното зимувалиште на плашицата, каналот Билјанини извори последните години, не само што е загаден од атмосферската канализација дополнително се загадува поради тоа што пловилата токму тука ги полнат резервоарите со бензин.
Со децении се најавуваше изградба на марина, се бираа разни локации, се држеа јавни дебати, но последниот одговор од надлежните – министерството за транспорт, за изградба на ваков објект се оправдување дека Унеско забранува изградба на марина.
Новинар : Соња Рилковска