Охридското езеро станува наутичка дестинација
Охридското езеро се поатрактивна дестинација за нуркање. Голем е бројот на странци, кои специјално доаѓаат да го запознаат подводниот свет, кој милиони години егзистира во најстарото езеро во Европа.
Во водените длабочини, љубителите на подводната авантура имаат можност да се запознаат со археолошките локалитети, подводните населби, предмети од праисториско време, бројните извори, потонати чамци и живите фосили – ендемичниот животински и растителен свет.
Јоханес Реич подводен археолог од Берн, кој работеше на локалитетот Врбник во Струга е воодушевен од подводните можности на Охридското езеро.
Во регионот на Струга посебно е убав делот на вливот на реката Црн Дрим. За мене тоа е многу убава креација на природата. Целиот регион од аспект на природата е неверојатно убав, гледано и од културен асект Охрид и Струга се многу убави градови со богата историја. Дефинитивно вреди да се посетат – вели Реич.
Бисерно чистата вода помешана со сончевите зраци преку ден и сјајот на месечината преку ноќ пленат со убавина. Треба да се искористат потенцијалите, за да се „доисплете“ подводната приказна, но и поголема промоција.
Тука во близина на Струга кај Калиште има многу убави подводни извори, кои се многу интересни и вреди да се видат. Навистина ладни, но многу е чиста водата. Тоа генерално важи за целото езеро, свежа чиста вода со неверојатно голема видливост – додава Реич.
Охридското езеро станува наутичка дестинација, стотици нуркачи од сите страни на светот во текот на летната сезона уживаат во различни подводни авантури.
Новинар : Соња Рилковска