Skip to main content

Охридското одделение на државниот пазарен инспекторат за јули и август извршил 350 контроли

Државниот пазарен инспекторат во текот на летото извршил 350 надзорни контроли согласно законите за трговија, угостителска и занаетчиска дејност, заштита од пушење, заштита на потрошувачите, туристичка дејност, како и за безбедност на производи. Раководителот на охридското одделение Ѓорги Бошалески информираше дека биле констатирани неправилности за кои биле изречени соодветни глоби, согласно новите измени на казнената политика каде пак за одредени прекршоци има ублажување на глобата дури за 7 пати.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Одделението на државниот пазарен инспекторат во месеците јули и август извршил вкупно 350 надзори на подрачјето на општина Охрид. Како што за ТВМ открива раководителот на оддлението Ѓорги Бошалески, констатирани биле 24 прекршоци, поднесле 16 барања за суд и 2 до прекршочната комисија. Биле одземени производи во вредност од 25 300 денари од непознати
лица како и 2150 денари од познати лица кои продавале текстил во движење. Исто така државниот инспекторат изрекол глоби  во износ 25 000 евра и мандатни казни 500 евра согласно според законите за трговија, угостителска дејност, заштита од пушење, заштита на потрошувачите, трговски друштва.

„Во летниов период активностите ги имавме насочено на хотелско угостителските објекти, кафе барови, ноќни клубови во Охрид а исто така и на нерегистрираните трговци  оние кои што продаваат роба дали се подвижни, на тезга во Св Наум. Беа констатирани неправилности, морам да напоменам дека со измените на законот и измените во казнената политика има одмерување на глобите, значи глобите не се високи на одредени прекршоци има дури 7 пати намалување на глобите“ .

Бошалески нагласи дека предмет на нивните контроли биле и нерегистрираните продавачи на лубеници каде што биле констатирани неправилности и на сите им било изречена глоба од 200 евра во денарска против вредност. А глоби биле изречени и на поединци во комплексот Св Наум каде што биле констатирани недоследности при работењето. Што се однесува до проблемот со прекршување на законските одредби каде што се засегнати малолетниците и нивната ангажираност на пазарот на труд Бошалески со став.

„Во однос на малолетниците тоа се контроли кои што ги прави полицијата, бидејќи ние согласно законот за малолетничка деликвенција ние како инспектори немаме никакво право да стапиме во контакт…дури не смееме ни да обавуваме разговор со малолетно лице. За тоа постои инспектор во СВР и тоа е нивна надлежност и претежно тие  работат во тој дел, за присуство на малолетници, а за точење на алкохол повторно треба да има заеднича контрола со полицијата“.

Државниот пазарен инспекторат изминатиов период активно бил присутен на терен, спроведувајќи ги планираните редовни контроли согласно годишната програма, како и вонредните, односно оние по поднесена преставка на граѓаните. Од инспекторатот информираа дека од година во година се помал е бројот на објекти кои вршат дејност после работното време и појаснаа дека тоа се должи на одлуката за продолжено работно време која секоја сезона ја носи охридскиот совет.