Охридското стопанство има зголемена потреба од стручни кадри
Средното стручно училиште Св. Наум Охридски ги следи потребите на компаниите. Во наставната програма од оваа учебна година имаат нов стручен профил техничар за индустриска мехатроника за машинската струка,а воведуваат и модуларно дизјанирани предмети.
Средното стручно училиште Св. Наум Охридски ја следи зголемената побарувачка на стручно квалификувана работна сила за потребите на охридските компании. Во склад со потребите на стопанството се отвараат нови профили со кои се едуцира квалификувана работна сила, информира Сашо Недески, директор на средното училиште. Оваа учебна година ја стартуваме со 230 ученици или 60 повеќе од претходната година, вели Недески.
„Ние имавме добар настап во минатата година посебно со воведување на паралеката техничар за индустриска мехатроника од дуалното образование. Имаме нов профил од машинската струка техничар за производно машинство во соработка со компаниите Костал, ОДВ и Леарница. Со поддршка на делегацијата на Германското стопанство и отворениот ден ги провиравме овие профили. Резултатот беше зголемен број на ученици во оваа година“, напоменува Недески.
По најавите на Костал , Леарница и ОДВ за отварање на нови индустриски погони стручното училиште го следи трендот од потребата на квалификувана работна сила . Така, покрај воведување на нови струковни профили, средното стручно училиште акцент става и на практичната работа, вели Недески.
„Во моментов во електро и машинската струка од оваа учебна година се почнува со едукација на стручни профили по нова програма со модуларно дизјанирани предмети. Се напушта стариот концепт и се вклучуваат повеќе часови за вежби и практична настава во училниците и надвoр од него“, укажува Недески.
Покрај воведувањето на новините во наставната програма, во Св. Наум Охридски се работи i на подобрување на условите во школската зграда. Се работи на замена на азбестниот покрив, ќе се постави нова дограма, а во завршна фаза е и изградбата на училишната фискултурна сала во која настава по спорт ќе се изведува за 650 средношколци од сите струки од 1 до 4 година.