Охридското Супер радио слави 30ти роденден
Охридското Супер радио, еден од најстарите приватни електронски медиуми во Република Македонија, денес го прославува 30-тиот роденден.
Приказната започна во ноември 1992 година, веднаш по осамостојувањето на Република Македонија. Со неа растеше и се развиваше, со неа ги помина сите проблеми кои го следеа во растењето, со неа стигна до 30. година од постоењето.
„Зад нас се полни 30 години, во кои Супер радио изгради свој сопствен и препознатлив став кон случувањата и животот во Охрид. Безбројни акции за помош на сограѓани, Гинис, „изборот“ на градоначалник од рипката Желба, поддршка на спортски и културни манифестации… Во исто време забавувавме и информиравме, секогаш Брзо, Точно и Проверено… Работевме се’ и добивме се’. Веќе 30 години Охрид е СУПЕР и СУПЕР е Охрид. Сакаме да испратиме ОГРОМНА благодарност до целиот град, до сите наши слушатели, поддржувачи, деловни партнери и пријатели, до сите кои годиниве наназад веруваа во нас и ни овозможија да ја одржиме приказната во живот.“, порачуваат од Супер радио.
Медиумот има активна програма со комплетна информативна забавна спортска и културно образовна програма. Супер радио веќе подолго време е препознатливо во регионот и во маркетиншкиот и продукцискиот дел.
Според сите анкети на АВМУ, Супер радио е убедливо најдобрата, најслушана и највлијателната локална радио станица во Република Македонија. Потврда за успешната работа на радио станицата дојде и од локалната заедница, со доделувањето на Св. Климентовата повелба во 2017 година за досегашната успешна работа и придонес за градот.