Охрид СОС : Ликот на Стар град забрзано се менува
Многу малку, или недоволно се прави за реална заштита на старото градско јадро и покрај постоењето на Закон за прогласување на старото градско јадро во Охрид за културно наследство од особено значење. Изминативе години, особено, неговиот лик забрзано се менува, велат од граѓанската платформа Охрид СОС. Посочуваат дека старите, оригинални градби во овој дел на градот се сè помалку и се оставени на забот на времето.
„Иронично, наместо заштита, добиле само табла на која е наведено дека куќата е од XIX век, на кое семејство му припаѓала, а таа во моментот само што не се срушила (ова е примерот со куќата во Канео, само еден од многуте). Новите градби често не се ни копија на она што се урнало, туку се различни по обем и изглед. За Управата за заштита на културното наследство и Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид сè е според закон, како што вообичаено изјавуваат или споделуваат.“ – велат од Охрид СОС.
Активистите на Охрид СОС пред извесно време ја добиле, на нивно барање, Листата на културни добра на територија на општините Охрид, Струга и Дебрца. Воочиле дека во делот на старата градска архитектура во Охрид избришани се од заштита голем број објекти.
„Во делот на старата градска архитектура во Охрид избришани се од заштита 56 објекти, бидејќи во меѓувреме новите сопственици ги урнале (без дозвола или мислење од заводот), ги видоизменале, со што ја нарушиле оригиналноста, или изградиле нови објекти кои се различни од објектот кој бил внесен на листата. Никакви санкции за тие еднострани акти. Во заводот немале доволно вработени, не можеле постојано да контролираат кој што прави и какви намери има. Единствено што направиле е да ги прешкртаат во документот и со тоа да прекине нивната заштита. “ – посочуваат од Охрид СОС.
Активистите ја посочуваат градбата на ул Христо Узунов која е актуелна периодов, која се наоѓа непосредно до административната зграда на Завод и Музеј, а која не наликува на некогашната куќа на чие место се гради. Додаваат дека градежната механизација ги уништила специфичните улички кои не се предвидени за толкава носивост. Од Охрид СОС резигнирано заклучуваат дека наместо одговорност за ваквите постапки, кај оние кои ги одобриле, има одобрување и дека од Завод и Музеј замижуваат на ваквите практики.
Дали воопшто ќе престанат? Или за неколку години ќе треба да го преименуваме старото градско јадро во НОВО, со оглед дека мнозинството градби тука се нови.“ – јавно прашуваат од Охрид СОС.