Охриѓанецот Љуљзим Рахим – Зими е вљубеник во олдтајмерите

Охриѓанецот Љуљзим Рахим 50 години работи како автолимар. Занаетот го печел во работилницата на својот татко Ризван кој бил првиот автолимар во Охрид. Од него Љуљзим и неговиот брат Мељко ги научиле сите мајсторски вештини, но ја наследиле и љубовта кон старите модели на автомобили или т.н олдтајмери.

„Со самата работа се јави и љубовта кон олдтајмерите. Таа љубов пред се ја наследив од мојот татко кој беше еден од основачите на автолимаријата во градов, можеби и пошироко. Така уште од мали нозе ни се роди, ни се втемели таа љубов кон автомобилите и работејќи со него веќе почнавме да ги осознаваме и вештините и сите околности околу возилата. “ – вели Љуљзим.


Браќата Рахим, како тинејџери на 16 годишна возраст започнале да работат на поправка и оспособување на стари возила. Првиот нивен олдтајмер бил модел Фичо.
„ Почнавме со брат ми прво на нашите фичовци да работиме , па така направивме едно , па имавме едно фичо од 1963 та година го направивме кабриолет. Меѓутоа денеска тоа фичо не може да се регистрира бидејќи од 2010 Министерството за економија донесе одлука и корекции како треба да бидат во вистинска форма на каросерија, значи гуми, амортизери, формата да не ја изгуби и првобитната состојба.“ – вели Љуљзим.

Зими, како што го нарекуваат охриѓани, со голема страст создава уметнички дела на четири тркала. Периодов работи на Мерцедес 123, модел од 1978 год. Да се реконструира еден стар автомобил бара многу време, труд и финансии. Но, не е пресудно колку пари ќе потрошиш, најважно е колку љубов ќе вложиш во него да го доведеш во возна состојба, вели Зими.

„Скоро година и пол работиме на мерцедесот. Треба многу труд да се вложи , меѓутоа со желбата за создавање од ништо нешто, мислам дека за скоро ќе ни биде готова.
Тоа чувство не може да се опише со зборови , и да сакам не би можел . Ќе рече некој дека не може да ме сфати. Значи како и во спортот , некој е вљубеник во спорт едриличарство, тие страсни вљубеници во езерото и едрилиците, истото се случува и со ова. Треба преголема страст и љубов. Ако ја немаш таа страст не може да дојде до совршенство.“ – вели Зими.
Оваа година Љуљзим Зими Рахим ќе се пензионира, но вели дека страста кон олдтајмерите е иста како кога бил момче. Семејството Рахим низ годините изработило десеттици олдатјмери, возила со историска и музејска вредност.