Oхриѓани за скоро ќе плаќаат паркинг преку СМС порака
Најдоцна до Нова година Охрид треба да добие современ систем за електронска наплата на паркинг со помош на СМС пораки. Оваа новина заедно со воведување систем за одржување на паркинзите и намалувањето на цената за паркирање кое помина на Совет, се чекори кон остварување на ветувањата од градоначалникот Бакрачески за средување на состојбата со паркинзите во градов.
Современ систем за електронска наплата на паркинг простор, најави градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески. Со воведувањето на овој систем, односно наплата за паркинг место преку СМС порака ќе се олесни начинот на плаќање на корисниците на оваа услуга.
„Мислам дека во текот на денешниот или утрешниот ден ќе биде објавен оглас за изготвување на физибилити студија, за воведување на систем за одржување на паркинзите и систем за електронска наплата со помош на СМС пораки и тоа сметам дека за 2-3 месеци, зависно колку ќе трае законската постапка, ќе биде реализирано“.
Во насока на средување на состојбата со паркинзите во градов, една од ветените заложби на градоначалникот Бакрачески беше корекција на цената, односно нејзино намалување. Советот на општина Охрид на последната седница ја донесе и оваа одлука. Бакрачески коментира дека новите цени се коректни, прифатливи за граѓаните, а можеби во овој момент и најефтини на ниво на земјава.
Покрај корекција на цените за паркинг просторот, корегирани, односно намалени се цените на услугите и на останатите ЈП претпријатија кои гравитираат во Охрид. Така на пример ЈП „Градски гробишта“ , за 11% ја намали висината на цената за грбно место, што како олеснување за корисниците на услуги доаѓа од 3 до 12 000 ден попуст во зависност од локацијата и категоризацијата на гробното место. Во делот за депонирање на градежен отпад, како и дендролошки и цветен и посадочен материјал за паркови и зеленило, ЈП „Охридски Комуналец“ за 10% ја намали цената на услуги. Намалување на актуелни услуги има и во МЈП „Проаква“ и „Нискоградба“.
{loadposition content9}