На охриѓани не им гори под нозе
Денес продолжуваат потестите на граѓаните предводени од граѓанската иницијатива Аман. Тие сериозни во намерата да издејствуваат корекција на цените на услугите од ЕВН.
Ценовниот удар на струјата ги погоди и охриѓани. Но нашиот град очигледно слабо реагира на ударот бидејќи во Охрид сеуште нема индиции за штрајк против поскапувањето на електричната енергија. Поголемите градови во земјава Скопје, Битола, Прилеп, Тетово и Куманово се приклучија кон граѓанската иницијатива на здружението Аман, од каде најавија одржување на протести секој вторник. Да се надеваме дека нема да поминат многу вторници. Охриѓани ги поддржуваат протестите и доколку би имало би се приклучиле кон нив, но очигледно нема кој да ги организира.
Атмосферата во Битола е далеку понапната отколку во Охрид. Од битолската граѓанска иницијатива Аман, се обратиле до ССМ бидејќи сметаат дека синдикатот треба да ги вклучи работниците во протестите. Светлана Петковска од Аман во телефонски разговор за ТВМ, изјави дека веќе оствариле разговор со првите луѓе на синдикатот. Оттаму се огласиле дека ќе бараат итна средба на економско социјалниот совет како би ги разгледале нивните барања, враќање на цената на струјата на ниво од 2008 година, враќање на дневната ефтина тарифа, ставката од 33 % ангажирана моќност да се укине, воведување евтина тарифа преку целиот ден за социјалните случаи и др. Петковска тврди дека протестите немаат политичка позадина, очекува да се исполнат дел од нивните барања и смета дека граѓаните од сите градови на Македонија максимално ќе ги поддржат, иако засега во протестите се вклучени Скопје, Битола, прилеп, Куманово и Тетово.
„Засега немаме информација дека во Охрид ќе се организира протест, секако дека очекуваме во повеќе градови граѓаните да излезат на протест“-вели Петковска.
Од канцеларијата на охридските синдикалци Драган Цветаноски, вели дека тие не можат да се приклучат кон протестите додека не добијат налог од Сојузот на синдикати на Македонија предводен од Живко Митревски, кој пак за тоа треба да донесе одлука. А оттаму пак денес и официјално излегоа со соопштение, но не за да дадат поддршка на граѓаните кои протестираат, туку нивното соопштение повеќе наликува на циркуларно писмо отколку на официјлен став. Еве дел од неговата содржина, па јавноста нека заклучи чии интереси ги застапуваат синдикалците.
„Политиката на креирање на цени кои имаат директно влијание на економско – социјалните интереси на работниците се темелни вредности вклучени во спогодбата за формирање на Економско – социјалниот совет.
Од овие причини ССМ побара со свои обраќања уште на 7 август 2012 година, во интерес на социјалниот дијалог и на заштитата на стандардот на работниците, пред донесувањето на одлуките на Регулаторната комисија истите претходно да бидат разгледувани на седниците на Економско – социјалниот совет.
Ваквиот став ССМ го проследиле до Владата на Република Македонија, Регулаторната комисија за енергетика и Економско – социјалниот совет на Република Македонија.
Резултатот од нивната заложба го покажуваат денешните протести на граѓаните пред Регулаторната комисија за енергетика.
{loadposition content9}