Охриѓани летово нема да останат жедни
Вода за пиење ќе има. Но тоа не значи дека течноста што живот значи треба да се злоупотребува, велат од МЈП „Проаква“
Летово вода за пиење ќе има. Од „Проаква“ велат дека во Охрид нема да има никакви рестрикции и дека водоснабдителниот систем располага со доволна количина вода која е исправна за пиење. Нашиов град со вода се снабдува од 6 локалитети од каде се собираат од 370 до 400 литри во секунда што е дури повеќе од потребното. Златко Старкоски, директорот на МЈП „Проаква“ вели дека поради тоа граѓаните многупати недомакински се однесуваат со водата и трошат многу повеќе од потребното. Има и такви кои нелегално се приклучуваат на водоснабдителниот систем. Старкоски објаснува дека има случаи каде несовесни граѓани наводнуваат цели оранжерии и ниви, а за тоа не плаќаат ниту денар. Во вакви случаи сторителите не само што ќе се исклучат од системот туку и судски ќе се гонат и против нив ќе се поведе кривична постапка.
Старкоски потенцира дека сите граѓани кои се коректни ќе имаат поволности. Корисниците кои се дадени на извршител доколку својот долг го подмират до крајот на август нема да ги плаќаат трошоците за доспеани камати туку само основниот долг.
{loadposition content9}