Skip to main content

Збогум Буково

Охриѓани се многу загрижени за влијанието на депониите врз нивното здравје и врз животната средина

Охриѓани сметаат дека е неопходна построга казнена политика и регулација во сферата на управување со отпад. За да се подобрат нештата подготвени се да започнат од себе и со промена на своите навики да помогнат помалку отпад да завршува на депонии. Ова се дел од заклучоците од анкетата на јавното мислење која ја спроведе Групацијата Збогум Буково.
 |  инфодеск  | 

Групацијата Збогум Буково ги објави резултатите од истражување на јавното мислење на охриѓани во однос на управувањето со отпадот и депониите, кое го спроведе преку електронска анкета во текот на изминатиов месец.

Резултатите од истражувањето укажуваат дека охриѓани се многу загрижени за ефектите од дивите депонии, вклучително Буково и Мауцкер. На прашањето „Колку сте загрижени за долгорочните ефекти на дивите депонии врз животната средина и јавното здравје?“ – 95 проценти од граѓаните одговориле дека се многу загрижени.

На прашањето „Кои се главните бариери за ефективно селектирање отпад во вашата област?“ 50 проценти од граѓаните сметаат дека е резултат на недостаток на јавна едукација, додека останатата половина сметаат дека е резултат на недостаток на соодветна инфраструктура (канти, центри за селектирање).

На прашањето „Кои типови на поддршка би ве поттикнале да учествувате повеќе во сортирање отпад или рециклирање?“, охриѓани ги издвојуваат следните: финансиски поддршка (на пример, поврат на средства), повеќе инфраструктура (канти, центри за кабаст отпад), образовни кампањи и подигање на свеста и зајакнување на казнената политика.

Тоа што 97 проценти од граѓаните на анкетата одговориле дека се многу подготвени да ги промените своите секојдневни навики за селектирање и намалување на отпадот За Групацијата Збогум Буково дава надеж дека работите можат да се подобрат и да се намали отпадот којшто завршува на депониите.

Речиси едногласно охриѓани одговориле позитивно на прашањето „Дали сметате дека треба да има построги закони или регулации за управување со отпад и рециклирање во вашата област?“

Од групацијата Збогум Буково велат дека ќе продолжат да работат во интерес на граѓаните и да вршат притисок врз надлежните органи за побрзо решавање на проблемот со отпадот кој со години ги загрозува здравјето на жителите и животната средина во регионот.