Skip to main content

Охрид се сеќава

Охриѓани оддадоа почит на ликот и делото на охридскиот историчар, истражувач, археолог Гоце Ангеличин Жура

Во спомен куќата на Христо Узунов денеска се зборуваше за непроценлив придонес на Гоце Ангеличин Жура кон науката и афирмацијата на нашето културно-историско наследство и православната црковна историја. Неговата ќерка, д-р Гордана Ангеличин-Жура вели дека идејата била да се соберат сите охриѓани и да споменат за се што има Гоце Жура придонесено за Охрид, но и младите генерации да знаат повече за неговото но и делата на сите заслужни охриѓани во областа на науката, историјата, културата.
 |  Маја Савиќ  | 

Историчар, археолог, конзерватор, пасиониран истражувач, научник и визионер, Гоце Ангеличин Жура  даде непроценлив придонес кон науката и афирмацијата на нашето културно-историско наследство и православната црковна историја. На петгодишнината од неговата смрт, охриѓани денеска се потсетија на својот сограѓанин и на неговото дело како основоположник на теренските истражувања на пештерските цркви и монашки живеалишта во охридско-преспанскиот регион. Денешното чествување го организираа неговата ќерка д-р Гордана Ангеличин-Жура и Горан Митрески, историчар кустос, во соработка со НУ Завод и Музеј-Охрид.

„Целиот свој живот го даде за науката и навистина со љубов го работеше тоа и многу сакаше наредните генерации да знаат и да бидат свесни на кое тло чекорат, колку сме опкружени со црковна историја, колку е богато нашето културно историско наследство. Да повикаме младите генерации дабидат во тек и да го продолжат делото не само негово туку и на сите заслужни охриѓани во областна на науката, историјата,  културата.“ – кажа д-р Гордана Ангеличин-Жура.

За Гоце Ангеличин Жура не постоеа исцртаните граници меѓу државите.  Тој е  прв истражувач и на црквите од турскиот период во поширокиот регион на Преспа и Москополе што резултира со откривање на нови ликови на Светите Климент и Наум. Зад себе има оставено импресивна библиографија од 20 книги, монографии и  60 научни трудови.

„Гоце остави над 20 книги тоа е историја од 14-ти, 15-то до 20 век. Ова е нашата историја и култура. Секогаш треба да даваме значење на вакви настани затоа што зад нас оставаме дела. Гоце беше еден прекрасен, харизматичен човек кој зад себе остави големи дела. Со Гоце Ангеличин Жура се знаевме од гимназиските денови, заедно студиравме, прва сме генерација на историчари на уметност, заедно работевме се до неговото пензионирање. Имам преубави спомени со него, теренски истражувања, бевме многу поврзани и си дававме еден на друг голем поттик за работа, вели Јорданка Матова – историчар на уметност.

Со Гоце Жура имавме и јавни препирки за стручни работи, но секогаш бевме пријатели, вели археологот Паско Кузман.

„Охрид има голема и силна традиција со многу познати личности охриѓани од сите профили такашто се надевам дека и за Гоце Жура понатака ќе се создадат услови за паметење. Јас и предлагав на неговата ќерка да почне да ги собира односно да направи собрани дела од сите негови објавени трудови, интервјуа по медиумите и во книгите има два три тома материјал и натој начин ќе се продолжи паметењето за тие заслужни луѓе за Охрид. “ – вели Паско Кузман.

Гоце Ангеличин Жура остави длабок печат во историјата на Охрид, охриѓани и Македонија со неговата неизмерна љубов кон културното наследство и историјата на уметноста. Тој неуморно и посветено ги евидентираше светите места, само во последната негова книга има мапирано 20 базилики и 43 цркви во стариот дел на Охрид, а таа бројка во неговиот научен век надмина илјада, вели  Д-р Климент Наумов, – Факултет за туризам и угостителство-Охрид.

„Тој успеа да ја прескокне онаа бројка од 365 цркви во Охрид, таа легенда која сите љубиме да ја кажуваме на нашите соговорници , слушатели. Тој успеа да евидентира повеќе од 1 500 цркви и свети места во Охрид и охридско. За мене претставуваше непресушна инспирација и извор на драгоцени информации и ме насочи логички, трезвено и систематски да размислувам и навистина беше од пресудно и суштинско значење во моето изградување како интелектуалец. “ – рече Наумов.

Поради неговите научни достигнувања, Гоце Жура застапен е во Првата Македонска Енциклопедија. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои и Повелбата Патрон на градот Св. Климент Охридски во 2007 година.