Skip to main content

Охриѓани ја продолжија вековната традиција на капење во езерото на Денот на рибарите

Голем број граѓани и гости денеска на Сариште уживаа во уникатниот обичај збогатен со староградска музика и греана ракија.
 |  Маја Савиќ  | 

Со традиционалното капење на рибарите во Охрид денеска се одбележа празникот Свети Јован Крстител. Тајфата на Мартин Гоџо, кој вчера го фати Чесниот крст, денеска на Сараиште влегоа во студените води на Охридското Езеро. Денот на рибарите е потсетување на традицијата на капење на рибарите на денот кога се означувал крајот на мрестот на пастрмката и почетокот на сезоната на риболов. Охриѓани велат дека со голема радост го чекаат празнувањето на овај ден кое и покрај тоа што во одреден период било забранувано, опстанало како вековна традиција.

„На овој ден на Св Јован завршувала забраната по старо кажано на турски збор татиљ или забрана за ловење пастрмка , затоа што во овај период се мрестит во езерово. Кога ќе завршел татиљот, првото фаќање риби се крстеле и влегувале во вода да се капат. Бидејќи во тоа време забранувале такви верски обичаи, демек затоашто е пуштен ловот ќе се капиме во езерово и ќе го напрајме Богојавление и прв ден од ловот што ќе фатиме риба ќе печиме, ќе јадиме и ќе пиеме, ќе се веселиме како сега што правиме.“ – вели Љупчо Маслов – рибар.

„Ова за охриѓани значи многу , ова е една традиција којашто мора да продолжи. Порано до 90-та година не беше вака, но сега се радуваме многу на овај ден и со нетрпение го чекаме да дојде. Господ да ни е на помош, честит празник на сите.

Старите рибари се присетуваат на минатото, кога, како што велат, имало многу повеќе риба во езерото. Стефан Рупев вели дневно ловел и до 150кг пастрмка, а најголемо парче пастрмка кое го уловил било тешко 7-8кг.

„Невремиња, дождој и снегој, ама со ќејф одевме на работа. Порано имаше многу риба. Имаше колку да сакаш и евтина беше, а денеска се е со крадење.“ – вели Рупев.

Денот на рибарите е една од манифестацииите која привлекува гости надвор од главната сезона. Манифестацијата и оваа година беше збогатена со културно-забавна програма. Посетителите на Сараиште беа послужени со топла ракија, греано вино, пача и плашици и уживаа во охридска староградска музика,

„ Прв пат сум оваа година за Богојавление во Охрид. Амбиентот е прекрасен. Луѓето се сите весели , сите се познаваат, се поздравуваат едни со други и тоа за денешни услови е навистина прекрасно.“ – вели гостинка од Скопје.

„Јас исто така прв пат сум на Денот на рибарите, на Богојавление имам доаѓано. Планот ни беше да си одиме вчера, меѓутоа ме убедија охриѓани дека денешниот ден е исто така многу интересен и затоа останавме. Амбиентот е прекрасен, чекаме да слушнеме некоја охридска група којашто пее староградски песни. Се служи овде топла ракија, чув и чорба дека ќе има. Се уште не ја видовме. Едноставно убаво доживување.

Локалната самоуправа со организацијата на манифестацијата за Денот на рибарите ги збогатува празничните денови со привлечни содржини за туристите кои во голем број го посетуваат Охрид за празникот Богојавление.