Охриѓанката Елисавета Булоска ќе биде галичка невеста а нејзиниот избраник Оливер Андреевски, со потекло од галичката фамилија Шулески е зетот, одлучи Советот на Месната заедница Галичник.
„Со голема радост Ви соопштуваме дека по објавениот конкурс за избор на невеста и зет на Галичка свадба 2023 година, советот на МЗГ го избра среќниот пар. Овогодишен зeт е Оливер Андреевски, со потекло од галичката фамилија Шулески, долгогодишен учесник на галичка свадба како и дел од организацијата на повеќе настани во Галичник, додека невестата е Елисавета Булоска со потекло од Охрид. Парот ги исполнува сите потребни услови за учество во галичката свадба.
Нека се вечно среќни и бериќетни, да се ќердосает! Годинава на венчавка, вгодина на крштевка!“ – објави МЗ Галичник.
Елисавета и Оливер ќе си дадат завет пред Бога на Петровден во преубавото село Галичник на Бистра. Со тоа продолжува шеесетгодишната традиција на Галичка свадба— манифестација која се одржува секоја година на Петровден (12 јули).