Охриѓанец изумител на очила со кои докторите ги гледаат канцерогените клетки за време на операција
Засега неговиот изум е во експериментална фаза и чека одобрување од надлежните институции во САД, но резултатите постигнати за време на спроведените експерименти според него се одлични.
Охриѓанец изумител на револуционерна технологија која ги детектира канцерогените клетки во реално време во текот на самата операција. Професор д-р Виктор Груев, наш сограѓанин кој веќе дваесеттина години живее и работи во Сент Луис, во САД, во медицината влегува случајно, но таму открива едно огромно поле на применливост на неговиот револуционерен изум, камера која им овозможува на докторите за време на операција да ги видат канцерогените клетки и целосно да ги отстранат. Вградувајќи ја камерата на очила, слични како популарните Гугл глас, проф.д-р Груев се наоѓа на прагот од создавање на едно од најголемите откритија во медицината.
„Еден од најголемите проблеми при операција на карцином е отстранувањето на целиот рак за време на операцијата. Голем број операции завршуваат со додатни операции, првата операција ќе се заврши ќе се направат додатни анализи и ќе се заклучи дека не е отстранет целиот рак, и повторно треба да се врати пациентот назад на втора операција. Со оваа технологија што ја имаме развиено, би се елиминирала таа втора операција се да се заврши во првиот момент, првиот хируршки зафат и тоа има многу големи заслуги за самото здравје на пациентот.“-вели проф.д-р Виктор Груев од Универзитетот „Вашингтон“ во Сент Луис.
Неговиот пронајдок во моментов е сеуште во експериментална фаза, но според проф.д-р Груев, резултатите кои досега ги покажале неговите специјални очила се одлични, а позитивен е одговорот и од самите доктори кои нив ги употребуваат во операционата сала. Наредните две-три години ќе се обидат да опфатат околу 1000 пациенти со оваа технологија, како би се забрзал процесот на комерцијализација на овој исклучителен пронајдок. Најголема замисла за д-р Груев е неговите очила еден ден да ги користат и хирурзите во Македонија.
„Сум оптимист и се надевам дека ќе имаме можност да ја донесеме што побрзо, морам да напоменам дека е во експериментална фаза но навистина верувам дека оваа технологија допринесува многу за време на операцијата. Самите доктори добиваат многу информации и можат многу побрзо и подобро да ја завршат таа операција. ја имам однесено оваа технологија низ повеќе земји низ целиот свет и се надевам дека ќе можеме да ја донесеме и во Македонија. За да се донесе, ќе треба да се добијат специјални одобрувања од Министерството за здравство, да има заинтересираност од хирурзи од Македонија, и се надевам дека со вакви интервјуа ќе создадеме глас и дека ќе има заинтересираност од сите страни.“-рече тој.
Инаку проф.д-р Груев, на овој изум работел подолго време. Неговото истражување започнало пред околу две години кога работел на проект со група биолози кои ги истражувале очите на разни пеперутки и морски ракчиња. Токму резултатите од тоа истражување кои говореле за исклучително софистицираниот вид на овој жив свет, го натерале да размислува за создавање на камера која ќе се базира токму на видот на овие пеперутки и морски ракчиња. Од тука и од разговорите со неговите колеги од факултетот за медицина во Сент Луис, според проф.д-р Груев веќе станало јасно каде би била примената на оваа револуционерна технологија. Во моментот, неговите очила чекаат одобрување од Американската ФДА или Федералната агенција за храна и лекови по што би можела да започне и нивната комерцијална употреба во операционите сали.