Охриѓанецот Петар Поповски, професор на Универзитетот во Олбург, Данска: „Со работа и аплицирање за грантови, за 12 години изградив катедра со над 30 истражувачи“
Охриѓанецот Петар Поповски дипломирал на Електротехничкиот факултет при УКИМ во Скопје како првенец на генерацијата, каде што потоа магистрирал, а докторирал на Универзитетот во Олборг, Данска, каде што и денес е професор. Неговата катедра има 30-ина истражувачи кои развиваат напредни безжични комуникациски системи.
Проф. д-р Петар Поповски, истражувач и научник од Македонија, кој дваесетина години работи и истражува на Универзитетот во Олборг, Данска, бил дел од експертски тимови кои работат на 5Г, 6Г и другите идни безжични комуникациски системи, ќе раководи и со новиот истражувачки центар на Универзитетот во Олборг. Овој центар ќе почне со работа во февруари 2025 година, а ќе се занимава со развој на комуникациски системи кои ќе ги поддржат идните квантни компјутери и квантен интернет. Во голема конкуренција од 160 апликанти тој успеа да добие грант наменет за центри за извонредност што го доделува Данската национална фондација за истражување. Ваквиот грант за отворање научни центри се смета за најважен вид парична поддршка што истражувач во Данска може да ја добие.
Тоа е прв центар што воопшто бил доделен на факултет и прв на целиот универзитет во Олборг од областа на инженерските науки.
Центарот ќе работи на напредни технологии кои би се користеле по 2035 година
– Од 160 апликанти селектираа 13 центри што ќе бидат финансирани, меѓу кои и центарот каде што јас ќе бидам директор. Јас ја формулирав идејата и собрав тим, а другото беше еден процес со силна конкуренција низ кој успеавме да добиеме 60 милиони круни (околу 8 милиони евра). Темата на која ќе работи центарот се комуникациски системи кои ќе ги поддржат идните квантни компјутери и квантен интернет. Актуелни тема на истражување во комуникациски технологии се 6Г, која ќе треба да го замени 5Г по 2030 г., сателитски комуникации и слично. Темата што нашиот центар ја предлага се однесува на технологии кои потенцијално би почнале пошироко да се користат по 2035 г. или уште подоцна – вели Поповски.
Во центарот се вклучени четири институти: за електронски системи (каде што припаѓа Поповски), математички науки, физика и информатика. Тимот го сочинуваат директор, четворица кодиректори од секој институт и десетина други истражувачи кои придонесоа кон апликацијата.
– Најголемиот дел од нив се од постојната истражувачка група, што во наши поими може да се гледа како катедра на која сум шеф и која брои околу 30 истражувачи од сите нивоа: докторанди, постдокторанди, доценти, вонредни професори и професори. Моја прва задача ќе биде да создадам процес за соработка помеѓу четирите институти, во кој ќе им дадеме предност на одредени идеи и ќе направам простор за балансирање помеѓу зададени теми наспроти независно истражување и идеи од вработените во центарот – додава Поповски.
Во фокус му се студентите-истражувачи
Им предава на студентите од електронски системи и математичко инженерство. Но, важен дел од неговата работа е што се јавува како ментор на студентските проекти, по 3-4 секој семестар.
– Дел од мастер-студентите кои покажуваат интерес за истражување ги вработуваме во нашата лабораторија да придонесуваат кон проектите на кои работиме. Еден дел од нив продолжуваат да работат докторати. Мој основен принцип е да им се даде шанса на тие што имаат капацитет и волја да работат на истражувања, да се стават во една средина во која ќе соработуваат со поискусни истражувачи и ќе учат од нив. Таа шанса се враќа како додадена вредност во нашата лабораторија, изразена преку научни трудови или имплементација на систем кој потоа го користиме за тестирање нови идеи. Таква шанса им даваме и на многубројните визитинг-истражувачи што доаѓаат во нашата лабораторија од партнерски институции низ светот – истакнува Поповски.
Во 2011 г. тој добил мал грант со кој бил вработен еден докторанд. Со постојана работа и аплицирање за грантови, од кои многу успеал да ги добие, денес неговата катедра брои 30-ина истражувачи. Ако тука се вклучат и студентите со студентско вработување во лабораторијата, како и визитинг-истражувачите, тогаш се работи за 40-ина лица. Финансирањето толкава група не е лесно и мора постојано да наоѓаат грантови од дански, европски и меѓународни фондации, како и од директна соработка со фирми. Нивни партнерски фирми се Епл, Кисајт, Нокиа и други.
Менторирал и македонски докторнади
– Меѓу 30-ина докторанди на кои им бев ментор имав и двајца образовани во Македонија, на ФЕИТ. Двајцата беа одлични и завршија со многу солидни научни резултати, а денес работат како истражувачи во реномирани компании. Тие се една прва индикација дека образованието на УКИМ, барем во мојата област, е на високо ниво. Истото мислење го имам и од повремените контакти што ги имам со други студенти и колеги од Македонија – вели Поповски.
Посочува дека работата на професор на скандинавски факултет во голема мера потсетува на стартап-компанија. Предавањата се можеби најмалиот дел од работата. Со оглед на тоа што неговиот фокус е истражување и одржување на истражувачката група, активно е вклучен во многубројни и прилично различни теми во кои придонесува со идеи, решавање на истражувачките проблеми и критичко мислење.
Додава дека академското работно место на скандинавските универзитети е помалку стабилно во споредба со тие во САД и другите делови на Европа. Тоа е така затоа што финансирањето на високото образование може да биде многу варијабилно, па се случува и отпуштање на вработени, дури и на редовни професори. Носењето екстерни фондови, како што е овој центар, и други проекти, придонесува кон стабилизирање на работните места не само на катедрата, туку и пошироко на универзитетот.
Инспиративно професионално портфолио
Освен професор во Олборг, тој е и визитинг-професор на Универзитетот во Бремен, Германија, каде што оформиле мала истражувачка група за сателитски комуникации. Главен уредник е на IEEE Journal of Selected Areas in Communications, научно списание кое е меѓу најважните во светот за комуникациски технологии, претседател е на IEEE Communication Theory Technical Committee, комитет за базични истражувања во телекомуникациите, член е на Данскиот истражувачки совет за технологија и производство, претседател на Шведската истражувачка фондација за 6Г безжични системи. Дел е од бордот на директори на „Гејтхаус“, успешна компанија за сателиски комуникации, основач на здружение на 20-ина сателитски компании од Олборг кои соработуваат со неговиот универзитет. Беше дел од МЕТИС, првиот европски проект за 5Г безжични системи, кој ги постави основите на 5Г-комуникациите. Добитник на ERC грант за истражување на основите на ултранадежни и масовни безжични системи, кои се дел од 5Г и 6Г, како и на престижниот грант „Вилиум инвестигејтор“ за работа на концептите на 6Г и другите идни безжични комуникациски системи.
– Сумарно, во последните 12 години на мојата катедра имаме донесено околу 25 милиони евра за истражување – додава Поповски.
Дали би се вратил да работи во Македонија и под кои услови?
Со оглед на ангажманот што го има, вели дека не е реално да размислува за такво нешто во догледно време. Обиди за соработка имало, па привремено бил визитинг-професор на ФЕИТ благодарение на ангажманот на проф. Лилјана Гавриловска, па дел од Комисијата на претседателот Пендаровски за доделување награди на млади научници. Пред некоја година беше еден од основачите на ЦеНИИс: Центар за напредни интердисциплинарни истражувања при УКИМ, но во моментов е пасивен член. Дури имал и контакти со МАНУ, уште од 2016, меѓутоа, тоа завршило неуспешно поради ненаучни причини.
– Иако прашањето „под кои услови“ во моментов не е релевантно за мене, би додал само дека од кариерата која ја градев минативе 20 години она што го научив е дека важно е некој да ти помогне во критични моменти, но исто така важно е некој да не ти пречи во обидите да ги реализираш идеите – вели Поповски.
Извор: fakulteti.mk