Охриѓани го одбележаа празникот Водици
Охриѓани го одбележаа празникот Водици.
На Божествената литургија во храмот Успение на Пресвета Богородица Каменско утрово беа присутни голем број верници. За сите нив празникот Богојавлениe има големо значење. По одржувањето на литургијата сите верници тргнаа кон пристаништето каде што светиот крст се фрли во езерските води. Празникот Водици или Богојавление се нарекува така зашто во мигот на Крштението Христово„ се покажа поклонувањето на Света Троица“.
„ На овој голем ден Бог се јавува во три лица. И самиот збор Богојавление значи Бог се јавува самиот, синот Богочовекот Христос се наоѓа во водите на Јордан, Отецот зборува од небото, ова е мојот возобљубен син, послушајте го, а Светиот Дух во вид на гулаб се спушти на Исус Христос , а не на Јован Крстител или на останатите туку на Христос, за да нема забуни“, појаснува отец Љупчо Симиџиоски.
Празникот уште се нарекува и „Просвештение“, зашто во древноста во приквечерието на празникот, по примерот на Христа се крштевале и со Божјата благодат се просветлувале огласените. Радоста на празникот Богојавление е во верата дека сѐ може одново да се измие, исчисти, обнови и повторно да се роди.
Никола Евров, кустос етнолог, од „ Д-р Никола Незлобински“ од струшкиот музеј го потенцира значењето на осветената вода за верниците низ вековите.
„ После фрлањето на крстот водата се осветува и се полни во шишиња. Се верува дека таа има лековита моќ и се чува во текот на целата година. При некоја мака или болест се пие бидејќи се верува дека помага“, напоменува Евров.
Богојавление или Водици е празник што спаѓа во групата најголеми христијански празници. За верниците тоа е денот кога можат да наполнат вода која според верувањата е благословена и лековита.
{loadposition content9}