Православните охриѓани го слават Божиќ
Православните охриѓани го слават Божиќ.
Православните верници денес го слават најголемиот празник Христовото раѓање. Охриѓани од утрово масовно ги посетија верските храмови, запалија свеќи и со молитва посакаа мир и добросостојба за своите семејства и за најблиските.
Отец Диме Азески посочува за големото значење на овој празник и порачува да го славиме Богомладенецот Христос, Отецот и светиот Дух со цврста вера, надеж и искрена љубов.
„Овој празник е најголема радост затоа што ни ја открива слободата и радоста која Бог ни ја дарил со своето раѓање. Примил човечки лик за да не ослободи од ропството, гревот и смртта и на тој начин ни ги отвори рајските порти затоа се вика дека е ова празник на надежта и на љубовта. Надежта ни се открива и љубовта ни се дава и ни го покажува патот кон кој треба да одиме во нашиот живот “, напоменува Отец Азески.
Традиционално православните семејства го празнуваат Божик со богата трпеза на која е присутно целото семејство. На тој начин ја покажуваат меѓусебната љубов и верба, а и љубовта и вербата кон божјиот син Исус Христос.
Божик е денот кога завршува со причест 40-дневното постење, а се слави три дена.
{loadposition content9}