Skip to main content

Охриѓани и стружани дишат најчист воздух во Македонија

Во Охрид и Струга нема загадување на воздухот. Тоа го покажуваат неколкуте мерни станици на Центарот за јавно здравје. Тоа е резултат што сеуште немаме градежна експанзија од висококатници покрај езерската линија, како и се поголемата застапеност на пелетите како огревно средство, тврди др Лидија Симоноска.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Охриѓани и стружани дишат најчист воздух во Македонија. Тоа го тврдат од Центарот за јавно здравје. Др Лидија Симоноска, вели дека последниве 14 години во Охрид никогаш немало загадување на воздухот. Максимално дозволена концентрација на аероседимент е 300, што според последните мерења од овој месец се многу ниски, вели, Симоноска. Таа пренесува дека на мерното место кај автобуска станица биле измерени 44, 61, кај централна градинка „Јасна Ристеска“38, 21, кај Сокара Темхем на мерното место било 51,22, и кај Општа болница е највисоко 66, 37 милиграми на метар квадратен.

„Од 2002 јас сум овде, претходно работав во инспекција исто немаше загадување на воздухот бидејќи ние и како санитарни инспектори моравме да бидиме информирани. Ние мериме само аеро седимент. Тое е мешавина од прашина, аеросоли и чад. Прашината има најголеми честички над 10 микрометри, аеросолите од 1 до 10, а честичките од чадот се најситни“.

Др Симоноска појаснува дека тоа се должи што сеуште немаме бариера на изградени станбени комплекси кај Охридскотo езеро, но посочи и други причини што нашите бели дробови дишат чист воздух.

„Не препорачувам допрва да никнат високи згради таму, тука кога ќе се направи бариера за струење на воздухот од езеро кон градот и обратно и тогаш ќе се загадуваме како во Скопје. Сообраќајот не е како во Скопје. Потоа многу луѓе се греат со пелети, прво тоа е почиста работа ем нема издувни и не е потребен оџак“

Охрид ниту била ниту може да биде алармантна состојбата со загадување на воздухот вели Др Симоноска. Па отука смета дека викендите се одлична можност скопјани но и граѓаните од останатите општини да доаѓаат во Охрид да се надишат чист воздух и да ги исчистат белите дробови. Дополнува дека треба да се засадува поголема зелена површина посебно околу зградите и да не се сечат дрвјата кои имаат развиено крошни.