Охриѓани мераклии на јагнешко и велигденски јајца
Долгите пости и наглото внесување на мрсна храна, пресудни за зголемениот број на интервенции поврзани со прејадување.
Полни раце работа за интернистите во Општата болница. Продолжениот празничен викенд се покажа и тоа како работен за нив. Се чини Охриѓани баш си го сакаат јагнешкото и велигденските јајца бидејќи добар дел и претерале со ваквата храна. Ова особено станува проблем поради долгиот период на велигденски пости. Според лекарите, токму наглото консумирање на мрсна храна по постот е главната причина за јавување на тегобите. Во Интерното одделение при Општата болница само за овие неколку дена регистрирале преку 180 случаи на пациенти кои прекумерно консумирале мрсна храна викендов.
„Ние имаме просечно 30 до 40 пациенти дневно, но ова е малку поголем број и во право сте дека еден од симптомите на кој пациентите деновиве се жалеа е покачениот крвен притисок и абдоменални тешкотии, многу луѓе кои имаат проблеми со жолчката се пожалени на такви симптоми имаме и два панкреатити кои се случени како нус-појава на обилната храна. Но пикот на овие случувања во просек нашето искуство говори дека ќе се случува следниве десет дена затоа што луѓето ќе ги исцрпат сите количини на јајца, ќе прават кајгани, секакви салати “-вели специјалистот интернист при Општата болница, д-р Сашо Василески.
Имајќи го предвид драстично зголемениот број на интервенции поврзани со прекумерна консумација на храна, во Општа болница утрово одржале и стручен состанок за да се направи комплетна анализа на изминативе четири-пет дена. Сепак симптомите кај различни луѓе се јавуваат во различен период.
„Се зависи од возраста, од тоа како се носи самиот организам со одредениот проблем, но имаме благи симптоми на мачнина во стомакот бидејќи се жалат на упорни гадења, повраќања, а некои за жал, два пациенти кои се со панкреатит направиле една сложена состојба на организмот каде што е зафатен панкреасот и тоа е веќе болест која сериозно треба да се лекува. Затоа еден апел да се јаде почесто, да се јаде во помали количини и да се избегнуваат мрснотии.“-рече д-р Василески.
Затоа ако досега не внимававте, подобро од сега внимавајте со прекумерната консумација на храна посебно ако се земат предвид првомајските празнувања кои добро знаеме дека се добро поткрепени со храна.
{loadposition content9}