Охриѓани може по телефон да побараат психолошка помош
Охриѓани може по телефон да побараат психолошка помош од одделот за ментално здравје при Општа болница Охрид. На овој начин психолозите ќе бидат подостапни и ќе може побрзо да реагираат. Граѓаните се почесто се соочуваат со панични напади, депресивни и анксиозни состојби со пролонгирање на времетраењето на пандемијата.
Охриѓани имаат можност да добијат психолошка поддршка по телефон од тим психолози од одделот за ментално здравје при Општа болница Охрид. На овој начин стручните лица ќе дејствуваат побрзо и ќе бидат подостапни и за лицата засегнати од ковид 19 , покрај секојдневната стручна помош која им ја даваат на граѓаните, информира Светлана Илоски, специјалист по медицинска психологија. Може да се јавуваат на посебната телефонска линија на бројот 070 405 961. Граѓаните се почесто се соочуваат со панични напади, депресивни и анксиозни состојби со пролонгирање на времетраењето на пандемијата, напоменува психологот.
„Голема е неизвесноста. Многу различни информации, луѓето се бомбардирани со секакви информации. Целата таа ситуација кај луѓето создава некаква неизвесност, недоверба , стравови“.
Светлана Илоски, специјалист по медицинска психологија упатува препорака до граѓаните како самите да си помогнат и да се справат за да го зачуваат менталното здравје.
„Тоа значи физичка активност, излегување на отворено, придржување на мерките за заштита, поддршка од семејството и средината. Покрај спортската активност, постојат и техники за дишење, но и да се ограничат и проверат изворите на информирање затоа што има многу контрадикторни информации кои дополнително не збунуваат сите нас“.
Во психолошката помош се вклучени 3ца психолози. Телефонската линија на мобилниот број 070 405 961 е достапна секој работен ден од 8 до 15 часот. Психолозите доколку има потреба ќе соработуваат со психијатрите од Општа болница Охрид.