Охриѓани не практикуваат прегледи кои би можеле да спречат појава на мозочен удар
Рехабилитацијата пак по доживување на оваа состојба, се покажала најуспешна кога пациентите покажувале мотивираност да се изборат со последиците.
Превенција на појавата на мозочен удар и неговите последици како најдобар начин на справување со оваа состојба. Третманот на пациентите кои доживеале мозочен удар кај нас сеуште не е оптимизиран, смета д-р Маја Божиновска-Смическа од Здружението „Мозочен удар“. Токму затоа, според неа е исклучително важно да се посвети многу внимание на превенирањето на појавата на мозочен удар. Тие денес организираа превентивни прегледи за сите охриѓани, правеа ЕКГ, мереа крвен притисок и шеќер во крвта на сите заинтересирани кои сакаа да дознаат нешто повеќе за нивните предиспозиции да им се случи оваа состојба. Бидејќи исхраната е еден од главните методи на превенција, ги запрашавме присутните колку тие водат сметка за тоа како се хранат.
„Настојуваме ама се знае во денешницава дали може да се опстане на таа диетална храна. Јас секогаш сум во некој судир со докторите по тоа прашање, велат треба диета. За да спроведеш една диета ти требаат најмалку 15 илјади денари така да, одбегнуваме мрсна храна.“
„Во оваа сиромаштија и нема некоја богата храна, ама се чуваме ние и фамилијарно, најмногу диетална храна, избегнуваме мрснотија.“-рекоа дел од нив.
Според д-р Божиновска-Смическа за жал кај граѓаните не постои никаква заинтересираност за практикување превентивни прегледи. Додава дека кај најголем дел од пациентите, сосема случајно се откриваат симптомите кои може да доведат до мозочен удар.
„Најчесто тие веќе си ги знаат проблемите само си ги игнорирале подолго време. Сите знаат дека пушењето го зголемува за 50 % ризикот од мозочен удар, но не се откажале од пушењето, можеби не го знаат процентот, но сите знаат дека е лошо. Сите знаат дека правилната исхрана и физичката активност се важни меѓутоа не ги применуваат доволно во секојдневниот живот. Така што донекаде се свесни дека ризикот ќе им биде повисок, барем на тие групи на пациенти. Се случува понекогаш кај помлад пациент случајно да се откријат реална фибрилација или високо ниво на шеќер во крвта, тие пациенти се изненадени бидејќи не ги забележале дотогаш симптомите на таа болест. Тука се чувствуваме ние најкорисни и можеме најголем придонес да дадеме во таквите новооткриени случаи па да ги упатиме на дополнителни иследувања со цел да започнат со правовремен третман.“-вели д-р Божиновска-Смическа.
Освен превентивните прегледи, денес охриѓани имаа можност да бидат дел и од едукативната отворена трибина за мозочен удар, особено во делот на рехабилитацијата. Според д-р Гордана Коњановска, специјалист физијатар при Заводот за кардиоваскуларни заболувања „Св.Стефан“, еден од клучните моменти во рехабилитацијата е мотивацијата кај самиот пациент да се избори со потешкотиите.
„Тоа е исто така еден од проблемите, отсуството на мотивација, постоењето на симптоми на депресија, несоодветниот активен ангажман на самиот пациент, кој е еден од предизвиците со кои што треба да се справи целокупниот тим во кој што токму поради тоа се вклучени и експерти од таа област, психолози, невропсихијатри. Без сомнение отсуството на мотивација значајно ги намалува резултатите од рехабилитацијата и тоа е една од задачите на целиот тим. Да го подигне тоа ниво на мотивираност и да предочи многу јасно и децидно, и на самиот пациент, и на семејството дека крајниот резултат од рехабилитацијата во голема мера ќе зависи од сопствениот ангажман на индивидуата.“-рече д-р Коњановска.
Д-р Коњановска вели дека Македонија не се разликува многу во тоа со какви предизвици се соочуваат во делот на рехабилитација на пациентите. Додава дека самиот процес на рехабилитација е исклучително долг и бара активно учество и на персоналот и на семејството и на самиот пациент. Според неа, токму тоа и го одредува во најголем број од случаите крајниот исход и квалитетот на животот кој ќе го има пациентот по рехабилитацијата. Инаку дел од денешните прегледи беа и волонтерите од Црвениот крст, кои традиционално ги помагаат ваквите акции на Здружението „Мозочен удар“.