Охриѓани не се откажуваат од традиционалното одбележување на Денот на жената
Охриѓани не се откажуваат од традиционалното одбележување на Денот на жената.
За Денот на жената 8 -ми март охридската чаршија денес беше раздвижена. Традиционално празникот се одбележува со подарување на најразлични подароци. Осмомартовските подароци се купуваа во парфимериите, продавниците за накит, сувенирниците ама се чини најпосетувани беа цвеќарите и цветниот пазар на плоштадот кај чинарот.
„Се купува секакво цвеќе, еднаш во годината е денот на жената и тоа е знак на култура. Се купуваат цвеќина од се по нешто од каранфил до рози“, вели Аднан Али еден од продавачите на цветниот пазар кај чинарот.
Во знак на внимание и почит кон понежниот пол подароци за блиските и драги личности купуваа и мажите и жените. Се купуваа подароци за мајките, сопругите, колешките, професорките, снаите и свекрвите.
Кон одбележување на Денот на жената со еден невообичен гест се вклучија и маркетите Миса.
„Подарувајќи им по еден цвет на припадничките на понежниот пол им посакуваме се најубаво и уште долго да го славиме овој ден“, порачуваат вработените од маркетите Миса.
Охриѓаники за 8-ми март ги резервираа и угостителските објекти. Повеќето охридски ресторани за денот на жената беа исполнети до последното место со охриѓанки,стружанки и битолчанки, а покрај веселата музика се нудеа и менија по цена од 400 до 600 денари.