Охриѓани, но и гостите кои доаѓаат во градов уште еднаш ја покажаа својата хуманост
Традиционалната крводарителска акција која секоја година се одржува по повод големиот празник посветен на патронот на Охрид, Св. Климент Охридски, повеќе од успешна. Собрани над 50 единици крв. Својата скапоцена течност ја даруваа охриѓани, но и туристи што се затекнале во градов. Се поголем е бројот и на млади кои даруваат крв.
Охриѓани, но и гостите кои доаѓаат во градов уште еднаш ја покажаа својата хуманост. Денес тие даруваа крв на традиционалната крводарителска акција која секоја година се одржува по повод големиот празник посветен на патронот на Охрид, Св. Климент Охридски.
Покрај нашите редовни крводарители има и неколку кои се од други градови, а кои престојуваат во нашиов град. Тоа посебно не радува бидејќи е показател дека хуманоста се носи секаде со себе и може да се покаже и на друго место не само во градот во кој живееш, вели Васко Ѓоргиески, волонтер во Клуб 25 и ЦК Охрид.
На оваа крводарителска акција се собрале повеќе единици од планираното, а радува и фактот што се поголем интерес за дарување крв има кај помладата популација.
Ние преку Клуб 25 ги стимулираме младите да се вклучуваат во вакви акции и веќе се покажуваат резултатите од тоа. Тој тренд ќе го шириме и во иднина и ќе се пренесува од генерација на генерација, вели Ѓоргиески.
Во првиот дел од крводарителската акција Плаошник 2016та која се одвиваше вчера во ОУ Св. „Климент Охридски“ беа реализирани 40 крводарувања. Наредни крводарителски акции се оние кои ќе бидат спроведени на почетокот на учебната година со идните матуранти и со студентите од ФТУ.