Охриѓани од 19ти јули ќе се имунизираат на нова локација наместо во спортската сала
Вакцинацијата ќе продолжи во модулaрната болница и во вакциналниот пункт во здравствен дом. До крајот на овој месец ќе заврши и евиденцијата на досега имунизираните граѓани во охридскиот Здравствен дом.
Се затвораат вратите на Спортската сала Билјанини извори за имунизација на граѓаните. Охриѓани ќе може да се ревакцинираат во спортската сала до 16 јули, а потоа следува измена на локацијата каде што ќе продолжи имунизацијата на населението, инфoрмира д-р Ајсел Зејноска, директорка на Здравствен дом- Охрид.
„Од понеделник 19 јули се префрламе во модуларната болница. Сите лица што ја примаат втората доза на Фајзер, Синовак и Синофарм ќе ја примаат во модуларната болница“.
Паралелно со вакцинацијата и ревакцинацијата тече и теренската вакцинација без закажување термин. Моментално, тимовите за теренска вакцинација на Здравствен дом се во општина Дебрца. Потоа ќе следува вакцинацијата и во сите рурални средини во општина Охрид. Во еден ден се опфаќаат по пет села. Теренската вакцинација треба да заврши до 23 јули според распоредот за имунизација на Здравствен дом.
„До крајот на месецов ќе заврши и целата евиденција на документацијата колку луѓе примиле вакцина на терен или во вакциналниот пункт на Здрвствен дом Охрид“.
Од Здравствен дом Охрид се задоволни од одзивот на луѓето во руралните средини кои не прават проблеми при изборот со која вакцина ќе се имунизираат. Вчера, на првиот ден од стартот на теренската имунизација во неколку села во општина Дебрца се вакцинирани 69 луѓе.