Skip to main content

Охриѓани со протест против поскапениот паркинг

Поголема група на граѓани денес мирно протестираа против цената на паркингот и еднонасочниот сообраќај.

 |  Мишел Наумоски  | 
protesti posta
протести пошта

Зголемените цени на паркингот како и новиот режим на сообраќај собираат се повеќе противници. Денес поголема група на граѓани, преку мирен протест го искажа своето незадоволство по овие две прашања. Особено ревносни беа коментарите на жителите од урбаната заедница 1-Стар град. Тие револтирано изјавија дека буквално се чувствуваат како заложници и туристи во сопствениот град.

poskapen parking protest„Цела година сме туристи, плаќаме енормни цени. Гледаме како е тоа решено во Скопје, дека може да се плаќа месечно или годишно. Кај нас тоа не функционира. На крајот на краиштата, овде имаме архитектонски тотално нерешено прашање со многу градби кои немаат обезбедени паркинг места. Имаме комплетна нелојалност во живеењето. Значи во стариов дел на градов што е оваа контактната зона, на стара чаршија немаат никакви услови луѓето заради скали, немаат никаков пристап до куќите и тие се обесправени спрема некои други жители во градов кај што може да се паркира.“-вели Петар Бачевски-Член на Урбана заедница 1-Стар град.

Против зголемените цени на паркингот својот револт не го изразуваа само жителите од стариот дел, туку и од поширокото градско подрачје. Тие бараат од локалната да се разговара по однос на овие прашања и да се изнајде заедничко решение.

protesti za parking„Се повикав на овој протест за да дадам подршка на сите присутни затоа што како граѓани на Охрид, мора да признаеме дека паркинзите пред зградите кои што се доделени често се окупирани од гостите па ние мораме да кружиме поради поставените рампи на повеќе места и да се прашуваме каде ќе паркираме. Дали ќе платиме 50 денари за час или пак да се плашиме дека пајак службата ќе ни ги крене автомобилите и уште поскапо тоа да не чини.“-рече Славица Петровска-учесник на протестот.

Но не само граѓаните, туку и претставници од институции зедоа учество во овој протест. Директорката на НУ „Центар за култура-Григор Прличев“, Драгана Боцеска се пожали во име на своите вработени кои мора да паркираат во близина на центарот.

„Навистина ни е многу тежок пристапот и се судруваме со некои проблеми околу тоа каде да се стационираме, каде да се паркираат луѓето, а и висината од 50 денари за еден час, а наработа се 8 часа па и повеќе. Ние навистина немаме пристап, од секаде сме заградени со паркинзи, а цената е навистина висока и мора да се најде некое разумно решение.“-изјави Директорката на НУ Центар за култура-„Григор Прличев“, Драгана Боцеска.

Протестантите повикувајќи се на Законот за урбани заедници, велат дека ниту една одлука која се однесува на урбаните заедници не може да биде донесена без нивна согласност. Тие се заканија дека доколку не бидат слушнати и разгледани барањата кои ги упатија, ќе пристапат дури и кон блокирање на стариот дел на градот.

{loadposition content9}