Денес светот го одбележува 20 март Mеѓународниот ден на среќата. ТВМ во случаен избор ги праша охриѓани дали се среќни луѓе и што ги прави среќни.
Охриѓани велат дека нивниот извор на среќа е семејството. Покрај сите тешкотии му се радуваат на животот, семејството и внуците.
Македонците, се најдоа на 92-то место во светот, во конкуренција на 155 држави, според Светскиот извештај за среќа за 2017 година на Обединетите Нации. Од земјите во регионот, посреќни од Македонија се Словенија (62 место), Србија (73), Хрватска (77), Косово (78), Црна Гора (83), Грција (87) и Босна и Херцеговина (90), додека потажни се граѓаните на Бугарија (105) и Албанија (109).
Норвешка, Данска, Исланд, Швајцарија и Финска се петте најсреќни земји, додека Централноафриканската Република, Бурунди, Танзанија, Сирија и Руанда се на дното на рангирањето, како земји со најтажни граѓани на светот.
Обединетите нации го прогласија 20 март за Меѓународен ден на среќата од 2013 година како начин да се препознаат важните работи кои го прават среќен животот на луѓето во светот.
Во 2015 година ОН поставија 17 развојни цели. Меѓу нив се трите клучни аспекти кои водат кон подобар живот како што се барања за крај на сиромаштијата, намалување на неднаквоста и заштита на планетата Земја.